• недела, 24 ноември 2024

Порторико прогласи епидемија од денга

Порторико прогласи епидемија од денга

Сан Хуан, 26 март 2024 (МИА) - Министерот за здравство на Порторико прогласи епидемија на денга по порастот на бројот на случаите со заразната болест во американската карипска територија од 3,2 милиони луѓе.

Најмалку 549 случаи со денга се регистрирани годинава, а вкупно 1.293 биле регистрирани во цела 2023 година. Најмногу нови случаи се регистрирани во главниот град Сан Хуан.

Повеќе од 340 луѓе се лекуваат во болница поради вирусот што го пренесуваат комарците, соопшти Министерството за здравство на островската територија.

Порторико последен пат прогласи епидемија на денга во 2012 година.

Над пет милиони случаи со заразната болест се регистрирани минатата година во светот. Осумдесет отсто од нив биле на западната хемисфера, објави Светската здравствена организација. Од почетокот на оваа година во тој регион се регистрирани околу три милиони нови случаи, а здравствените власти велат дека обилните врнежи од дожд, заедно со високата влажност и топлината предизвикани од климатските промени, придонеле за порастот на заболените.

Вирусот може да предизвика силна главоболка, треска, повраќање, осип и други симптоми. Додека повеќето заразени луѓе не покажуваат симптоми, кај други акутниот тек на болеста може да доведе до акумулација на течност во стомакот и градите и смрт. рп/

Фото: МИА архива



Остани поврзан