• четврток, 26 декември 2024

„Порта Македонија“ светна во виолетова боја по повод Меѓународниот ден посветен на епилепсија

„Порта Македонија“ светна во виолетова боја по повод Меѓународниот ден посветен на епилепсија

Скопје, 26 март 2024 (МИА) – „Порта Македонија“ денеска светна во виолетова боја по повод 26 март - Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот. 

На овој начин, Македонското невролошко здружение, Македонската лига против епилепсија и Универзитетската клиника по неврологија денеска го одбележаа „Виолетовиот ден“.

На плоштадот пред „Култура“ тие делеа виолетови маички и едукативни материјали за да се подигне гласот за луѓето болни од епилепсија.

Според неврологот д-р Сања Џамбазовска Зикова од Градска општинска болница „8 Септември“ , епилепсија е состојба која што луѓето долго време ја криеле.

- Не ја изнесувале во јавноста токму заради заблудите кои што владеат околу оваа состојба и така што луѓето имале многу малку можност да се запознаат со нејзе. Меѓутоа, дури и во најразвиените земји, до ден денеска пости стигмата и изолацијата на овие пациенти, а сето тоа се сведува како резултат на незнаењето и недоволната едукација, вели таа.

Нивната цел и организирањето на вакви настани, како што дополни, е токму тоа да се поделат едукативни материјали и да се подигне свеста за епилепсијата.

Деан Бунески, претседател на здружение „Епилепсија Македонија“, изјави дека Виолетовиот ден од 2008 година се одбележува во повеќе од 100 земји ширум светот.

- Барањата на лицата со епилепсија се да се подигне свеста за ова нарушување, затоа што самите луѓе се во општеството премногу стигматизирани и дискриминирани на некој начин. Тоа може да ви го потврдат и лицата со епилепсија и недостигот на лекарства со кои што може да бидат третирани. Тоа се двата главни проблеми со кои се соочуваат, рече тој.

Во врска со набавката на лекарствата, вели дека тоа е глобален проблем.

- Проблемот е глобален, на светско ниво, дел од главните компоненти и состојки на антиепилептиците ги нема на светско ниво, следствено и фармацевтските куќи не можат да ги произведат самите лекарства, она што пациентите треба да го знаат, но не го знаат, вината ја префрлаат на некои од институциите, дополни Бунески.

Бунески сподели дека доколку се правилно третирани, лицата со епилепсија можат да водат нормален начин на живот, а доколку примаат доживотно терапии тој рече дека може да немаат воопшто напади, да бидат вработени, да управуваат со возило и слично.

Се проценува дека над 50 милиони луѓе ширум светот боледуваат од различни форми на епилепсија, што ја прави една од најчестите невролошки болести во глобални рамки. 

Вкупната бројка на пациенти со епилепсија во државава е 13 824, или преваленцата на епилепсија кај нас изнесува 6,67 на 1 000 жители. 

Д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје, во изјава за МИА рече дека дека епилепсијата ги зафаќа луѓето од сите возрасти и обата пола, но кај нас почеста е кај машките пациенти. Во државава, како што појасни, епилепсијата најчесто се јавува во два пика, во детството - адолесценцијата и кај пациентите над 50 години. ар/лв/
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан