• четврток, 26 декември 2024

Поранешните американски претседатели ја осудија расната дискриминација во САД

Поранешните американски претседатели ја осудија расната дискриминација во САД
Вашингтон, 4 јуни 2020 (МИА) - Поранешните американски претседатели Џими Картер, Џорџ В.Буш, Барак Обама и Бил Клинтон преку соопштенија ја осудија расната дискриминација во Соединетите Американски Држави. Како што пренесуваат странските агенции, актуелниот претседател Доналд Трамп неколку пати го осуди убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, но противниците го критикуваат бидејќи не споменал за расизмот во САД. Поранешниот претседател Џими Картер порача дека е потребно да се направи повеќе за да се реши проблемот со полицискиот и правосудниот систем кој прави дискриминација според расата. Картер, кој беше претседател од 1977 до 1981 година, ги осуди „неморалните економски разлики меѓу белците и црнците“. - Ние сме одговорни за создавање свет на мир и еднаквост за себе и за идните генерации, рече Картер. Републиканскиот претседател Џорџ В. Буш исто така преку соопштение се осврна на расизмот против црнците во САД. - Тоа што голем број Афроамериканци, особено млади Афроамериканци, се малтретирани и трпат закани е трагичен неуспех, порача Буш. Демократот Барак Обама, единствениот афроамерикански поранешен претседател, се обрати пред јавноста неколку пати по смртта на Флојд. Тој рече дека протестите претставуваат „реална и легитимна фрустрација поради децениски неуспешните реформи во полициската практика и поширокиот казнено-поправен состав“. - Широката поддршка за протестите е знак на надеж дека постои волја за промена, рече Обама во написот објавен во понеделникот на онлајн платформата Медиум. Демократот Бил Клинтон ја нарече смртта на Флојд „последна во низата трагедии и неправди и болно потсетување дека нечија раса се уште одредува како некој ќе се однесува кон него во речиси секој аспект на американскиот живот“. паг/    

Остани поврзан