• петок, 27 декември 2024

Поранешниот сопственик на Агрокор ги обвини Пленковиќ и Борг за завера против него

Поранешниот сопственик на Агрокор ги обвини Пленковиќ и Борг за завера против него

Загреб, 4 април 2023 (МИА) - Ивица Тодориќ, првообвинетиот во аферата „Големиот Агрокор“ и поранешен сопственик на тој концерн, зборуваше за тоа како пред шест години започнало непријателското преземање на неговиот имот во Хрватска.

Тој денеска одржа прес-конференција откако на суд пропадна финансиското вештачење на хрватското државно обвинителство (ДОРХ). Обвинителниот совет на Жупанискиот суд во Загреб одлучи дека финансиското вештачење на Исмет Камал, платено еден милион евра, и врз кое се засноваше обвинението за извлекување 1,2 милијарди куни (околу 160 илјади евра) во случајот „Големиот Агрокор“ е незаконски доказ.

Тодориќ претходно најави дека на конференцијата ќе зборува за тоа како Вонредното раководство на Агрокор ја креирало несолвентноста на целата групација Агрокор, но и за финансиската и деловната состојба на сегашната Фортенова група во однос на Агрокор д.д.

- Пред шест години почна непријателско преземање на имот во Хрватска. Групата Борг и (премиерот Андреј) Пленковиќ направиле план и почнаa завера, па од една страна велеа дека сум криминалец, а од друга дека Агрокор е во неволја. За ова време вложив многу труд да се обидам да ја докажам вистината. Успеав во таа работа, освен две работи кои не ги искомуницирав јавно, изјави Тодориќ.

- По непријателско преземање на приватен имот за да успеат во нивната намера, им требаа 40 фирми во рамки на Агрокор и сите требаше да бидат несолвентни. Но, вистината е дека ниту една компанија не бeшe несолвентна, тоа однапред го знаеja. Имаа монструозен план, решија гаранциите на содолжникот да бидат книжени во долгот на Агрокор. „Агрокор беше во долгови и го книжеше тој долг од 14 милијарди куни, но содолжнички гаранти беа неколку компании на Агрокор“, додаде тој.

Вели дека сите обвинувања ќе ги докаже на суд.

- Сето ова ќе го докажам, ова ќе го докажам во целост и ќе видите кога странските судови ќе донесат одлуки дека тоа што ви го презентирав денеска е точно, додаде тој.

Што се однесува до Фортеновата група, тој вели дека станува збор за шокантни бројки. „Капитал речиси и да нема. Да не го продале Ледо и да го резервирале, ништо. Експертите ми велат дека никогаш во животот не виделе ваква ситуација. Хрватскиот суд утврди долг од 35 милијарди од промет од 50 милијарди. Фортенова денес има промет од 30 милијарди, а долгот е 33,5 милијарди. Истиот долг како и ние што го имавме“, рече тој.

- Ние бевме најголема компанија во Словенија, во Босна и Херцеговина, во Србија, во Хрватска, а јас инвестирав милијарди во нивните индустрии и затоа имавме долгови. И што направија? Каде инвестирале? Зошто сега не каже Пленковиќ? Добивката е нула, прашува Тодориќ.

На денешната прес-конференција Тодориќ соопшти и за политички амбиции. Тој најави основање политичка партија и борба за премиерското место, пренесува ХРТ. ссм/

Остани поврзан