• четврток, 26 декември 2024

Поранешниот министер за туризам на Грција кандидат за генерален секретар на Светската туристичка организација

Поранешниот министер за туризам на Грција кандидат за генерален секретар на Светската туристичка организација

Атина, 29 октомври 2024 (МИА) – Поранешниот министер за туризам на Грција и актуелен пратеник од Нова демократија Харис Теохарис е предлогот на Грција за кандидат за позицијата генерален секретар на Светската туристичка организација, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека одлуката е на премиерот Кирјакос Мицотакис, кој се сретна со Теохарис.

-Оваа позиција на нашата земја ѝ дава можност за поактивно учество во формирањето на меѓународната туристичка политика и уште повеќе ќе придонесе во подобрувањето на меѓународната слика на земјата, во промоција на грчкиот туризам и создавање на стратешки сојузништва, рече Маринакис.

Теохарис преку социјалните мрежи посочи дека кандидатурата „ја одразува силната позиција што Грција ја постигна во глобалната туристичка заедница“, ја истакна важноста на туризмот за земјата и затоа, како што напиша, „од витално значење е Грција да се најде во центарот на случувањата, во раководството на оваа меѓународна организација“. ср/

Остани поврзан