„Порака наша“ Куманово одбележа 17 години од постоењето
- Здружението „Порака Наша“ Куманово денеска одбележува 17 години од постоењето на дневниот центар. Бројни гости, ученици, наставници, претставници од општината го посетија дневниот центар кој е предводник во државата во уривањето на стереотипите поврзани со лицата со попреченост.
Куманово, 6 декември 2023 (МИА) - Здружението „Порака Наша“ Куманово денеска одбележува 17 години од постоењето на дневниот центар. Бројни гости, ученици, наставници, претставници од општината го посетија дневниот центар кој е предводник во државата во уривањето на стереотипите поврзани со лицата со попреченост.
Годинава, иако исполнета со предизвици, надлежните ја оценуваат како успешна, бидејќи се првото здружение во државата кое стана лиценциран давател на услуги.
-Годинава „Порака наша“ стана центар за рехабилитација и реинтеграција за лица со попреченост над 18 години. На 28 февруари добивме решение, дозвола за работа од МТСП, што значи дека „Порака Наша“ ги следи нормите, стандардите на пружање на квалитетна социјална услуга во заедницата, изјави Фросина Симоновска од „Порака Наша“.
Корисниците го прославија роденденот со торта, желби за успешна иднина. Овој нивен заеднички роденден го прославуваат со надеж дека ќе се развијат уште повеќе со одлични можности и работа на професионална рехабилитација и поддршка за семејствата.
- Трнлив беше патот изминативе 17 години. Бевме дневен престој, имавме корисници кои на некој начин беа со различни индивидуални потреби и можности, работевме според програма, со самото лиценцирање акцентот е малку сменет и сега повеќе работиме на професионална рехабилитација. Постојано работиме на подигање на јавната свест кај младата популација која треба да разбере дека сите сме различни и дека сите треба да дадеме придонес во заедницата во зависност до можностите, вели Симоновска.
Нејзината колешка Мартина Костовска кажа дека „Порака Наша“ е секој ден тука, не само за роденден и ги повика кумановци на средби.
- Благодарни сме на соработниците, медиумите, на бизнис заедницата, донатори, анонимни граѓани кои донираат, тука е делумната поддршка на општината. Веќе сме лиценцирани, први во државата, горди сме на успехот, вели Костовска.
Претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска кажа дека општината продолжува со поддршката и ќе го следи сеопфатниот социјален план донесен од секторот за социјална заштита.
- Со лиценцирањето се отвора можност за поддршка од државата. Важно е сите да бидат вклучени преку различни форми, никој да не биде изоставен, кажа Ѓорѓиевска.
Седмоодделенците и наставниците од Основното „Кочо Рацин“ дојдоа на прославата и заеднички се радуваа на роденденот.
- Пркрасна роденденска дружба која ја почнавме преку соработка. Тоа се наши пријатели, наши сограѓани, вели наставничката Анита Димовска.
Дневниот центар го посетуваат лица со умерена и тешка попреченост над 18 години и за нив се грижи стручен тим кој работи на нивно згрижување, социјализација, едукација, работно оспособување и рехабилитација. Корисниците на „Порака наша“ се препознатливи во градот, речиси и да нема активност во која не се вклучени, што значително влијаеше врз подигање на свеста меѓу граѓаните на Куманово дека секој треба да е вклучен во локалната заедница и функционирање. ам/мд/
Фото: МИА