• вторник, 24 декември 2024

Пораз во драматичен финиш на македонските фудбалери на стартот на мундијалските квалификации

Пораз во драматичен финиш на македонските фудбалери на стартот на мундијалските квалификации
Букурешт, 25 март 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација загуби вечерва на гостувањето кај Романија со 3:2 во премиерниот натпревар во квалификациите за пласман на Мундијалот 2022 во Катар. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски беа на чекор непоразени да се вратат од гостувањето во Букурешт, откако во финишот се вратија од негатива по водството на Романците од 2:0, со головите на Флоријан Настасе во 28 минута и Валентин Михаила во 50. минута.  Откако во првиот дел промашија голем број изгледни шанси за гол преку Илија Несторовски, на два пати, Горан Пандев и Елиф Елмас, македонската репрезентација ја начна романската мрежа во 82. минута преку Аријан Адеми, а само 60 секунди подоцна Александар Трајковски донесе израмнување.  Радоста во македонскиот табор, сепак, траеше кратко, откако Јанис Хаџи им донесе три бода на Романците со гол во 86. минута.   Адеми во последната минута од судиското продолжение постигна гол, кој беше поништен поради офсајд. Македонската репрезентација в недела во Скопје го пречекува Лихтенштајн, кој вечерва загуби на домашен терен од Ерменија со 1:0. Во преостанатиот натпревар во рамки на првото коло  во групата Ј, Германија очекувано триумфираше како домаќин над Исланд со 3:0. ег/зс/

Остани поврзан