• недела, 22 декември 2024

Поради штрајк денеска британската железница работеше со само 20 отсто од капацитетите

Поради штрајк денеска британската железница работеше со само 20 отсто од капацитетите
Лондон, 18 август 2022 (МИА) - Железницата во Велика Британија денеска работеше со само 20 отсто од капацитетите поради штрајкот на железничарите, јавува „Би-Би-Си“. Половина од железничките линии во земјата се затворени, бидејќи повеќе од 45 илјади железничари штрајкуваат изразувајќи незадоволство од ниските плати и лошите услови за работа. Вклучувањето на работниците од сигнализацијата низ Англија, Велс и Шкотска дополнително ја усложнува ситуацијата оттаму што без сигнализацијата железничкиот сообраќај практично е невозможен. На патниците им е препорачано да патуваат со воз само доколку немаат друг избор. Генералниот секретар на железничкиот, поморскиот и на транспортниот синдикат, Мик Линч предупреди дека спорот може да трае „неограничено“ долго време доколку не се постигне договор за платите. Тој ја обвини Владата дека ги користи парите на британските даночни обврзници за „да ги спаси приватните железнички компании, помагајќи им да избегнат одговорност за изгубениот приход поради штрајкот. Британското Министерство за транспорт пак соопшти дека синдикалните лидери не сакаат да преговараат, а наместо тоа „го нарушуваат секојдневниот живот на милиони луѓе“. За в сабота е закажан уште еден штрајк на британските железничари. аб/

Остани поврзан