• среда, 25 декември 2024

Поради пандемијата намалени активностите на пензионерите од Македонска Каменица

Поради пандемијата намалени активностите на пензионерите од Македонска Каменица
Македонска Каменица, 20 април 2021 (МИА) - Поради пандемијата со коронавирусот, каменичките пензионери и годинава со потешкотии ги реализираат активностите согласно годишниот план за работа.
Претседателката на Здружението Јаворка Соколовска информираше дека најмногу се фокусирани на онлајн активности кои во изминатиот период се реализираа во соработка со останатите здруженија на пензионери од регионот.
-Секако дека пандемијата се одрази и на нашата работа и активности. Дел од планираните активности токму поради Ковид-19 се одложени, а од она што досега го имаме реализирано ќе го напоменам учеството на музичката ревија на која со свои музички точки онлајн се претставивме со наши изворни песни и ора. Околу организација на некој конкретен настан засега немаме планови, во понатамошниот период се ќе зависи од мерките за заштита, рече Соколовска.
Со цел да останат активни, пензионерите денес реализираа еко-акција за уредување на просторот пред самото седиште на здружението.
-Се работи за мала еко-акција за разубавување на просторот пред Здружението. Како дел од активностите за заштита на пензионерите дополнително извршивме и дезинфекција во просториите на здружението, додаде Соколовска.
Со олеснувањето на мерките за заштита во наредниот период, како што додадоа од каменичкото здружение на пензионери, планирани се активности во делот на спортот и фолклорот, како преку онлајн настапи така и со помали групни собири меѓу самите пензионери. вс/мд/

Остани поврзан