• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Поради најавата за кратење на буџетот, француската десница и левица се заканија со уривање на владата на Бајру

Поради најавата за кратење на буџетот, француската десница и левица се заканија со уривање на владата на Бајру

Париз, 14 април 2025 (МИА) - Пратениците од екстремната десница и левицата во францускиот Парламент денеска се заканија дека ќе и изгласаат недоверба на Владата на премиерот Франсоа Бајру, откако министерот за финансии Ерик Ломбард изјави дека за буџетот за следната година ќе бидат потребни милијарди евра заштеда.

Гласањето за буџетот за следната година не е закажано до крајот на оваа година, но ова прашање веќе ја тестира издржливоста на владата на Бајру, која ја презеде функцијата минатиот декември, откако дебатата за буџетот за 2025 година го собори неговиот претходник.

Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард вчера во интервју за телевизијата БФМ изјави дека планот за намалување на буџетскиот дефицит на 4,6 отсто во 2026 година, од 5,4 отсто оваа година, бара заштеда од 40 милијарди евра.

Себастиен Шену, пратеник на екстремно десничарското Национално собрание, денеска за Europe 1/CNews изјави дека оваа пратеничка група ќе гласа за соборување на владата, доколку се наметнат длабоки резови на обичните луѓе поради заштеди.

Координаторот на екстремно левичарската партија „Непокорна“, Мануел Бомпард изјави дека е подготвен да предложи гласање недоверба на владата во наредните денови, но само доколку целата левица ја поддржи.

Екстремната левица и екстремната десница немаат доволно гласови да ја соборат владата без поддршката на левиот центар, кој се уште нема дадено слични изјави. паг/

Фото: МИА архива

 


Остани поврзан