Поради зимска бура, затворени училишта на североистокот на САД, откажани илјадници летови
- Поради силна зимска бура, денеска на североистокот на САД затворени се училишта, прекинат е јавниот превоз и откажани се илјадници авионски летови, а жителите на тоа подрачје се предупредени на обилни снегови, силни ветрови и опасни услови за патување, соопштија локалните власти.
Њујорк, 23 февруари 2026 (МИА) - Поради силна зимска бура, денеска на североистокот на САД се затворени училишта, прекинат е јавниот превоз и откажани се илјадници авионски летови, а жителите на тоа подрачје се предупредени на обилни снегови, силни ветрови и опасни услови за патување, соопштија локалните власти.
Поштенската служба на САД соопшти дека бурата на североистокот на земјата, од Вашингтон до Нова Англија, може да ги забави обработката, транспортот и доставата на поштата и пакетите.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, прогласи вонредна состојба во градот. Њујорк, кој е и најголемиот училиштен округ во САД, нареди затворање на сите јавни училишта поради невремето, денеска нема да има ниту настава на далечина и сите воннаставни програми се откажани.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека активирала 100 припадници на Националната гарда да помогнат на Лонг Ајленд, во Њујорк и Долната Долина Хадсон, подрачја за кои се очекува дека ќе го поднесат најголемиот товар од обилниот снег и крајбрежните ветрови.
Поради бурата, денеска е затворен и комплексот на седиштето на Обединетите нации на Менхетен.
Според прогнозата на метеоролозите, на североистокот на САД се очекува до 60 сантиметри снег, а ударите на ветерот би можеле да достигнат 110 километри на час, што го зголемува ризикот од паѓање на дрвја и прекин на струја, според податоците на Министерството за национална безбедност.
Гувернерката на Масачусетс, Мора Хили, прогласи вонредна состојба во оваа американска сојузна држава, а Конектикат им забрани на комерцијалните возила сообраќај на автопатиштата со ограничен пристап, со исклучок на итни и неопходни испораки.
Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, прогласи вонредна состојба во државата и ги повика жителите сериозно да го сфатат невремето.
Според веб-страницата за следење летови FlightAware, поради зимската бура ,денеска се откажани повеќе од 5.000 лета, а откажувања се најавени и за утре, посебно на главните аеродроми на североистокот на САД.
Поради бурата, градскиот превозник „Њујорк транзит“ од вчера го прекина автобускиот и лесниот железнички сообраќај во државата, а во Нова Англија, Управата за јавен превоз на Род Ајленд соопшти дека ќе ги прекине сите услуги додека временските услови не се подобрат. Предупредувања за зимска бура се издадени за Њујорк, Лонг Ајленд, Бостон, како и за крајбрежните заедници во Њу Џерси, Конектикат, Делавер, Мериленд, Род Ајленд и Масачусетс. јт/
Фото: ЕПА