• сабота, 21 декември 2024

Попоски по отворањето на „Drim Short Festival“: Културата и уметноста ни се повеќе од потребни

Попоски по отворањето на „Drim Short Festival“: Културата и уметноста ни се повеќе од потребни

Струга, 14 август 20023 (МИА) - Под мотото „Неопходна убавина“ вечерва во Струга почна 7. издание на фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“.

Фестивалот, според продуцентот Јаков Попоски, и оваа година ќе донесе богата програма и квалитетна селекција на филмови кои ќе го разубават и ова струшко лето. Програмата почна со проекција на „Others remained silent“ во режија на Матик Штамцар на летната сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

- По официјалното отворање и проекциите кои веќе се во тек, можам да кажам дека ни олесни. И конечно, како организатори, уживаме во полната летна сцена во Центарот за култура. Не сме претенциозни, но сакаме да дадеме до знаење дека на светот, а посебно на Струга, и е потребна убавина, дека културата и уметноста се повеќе од потребни, а ние сме само искра која ќе ги „запали“ останатите огнови и чинители за да ја продолжат приказната, изјави Попоски за МИА. 

Програмата, како што беше најавено на официјалното отворање, ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, интернационална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач. Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special“ со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми, според информацијата, оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево. 

Во соработка со Еко-свест годинава ќе има ревијална програма на филмови, чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.

- Неизбежен сегмент од целиот Фестивал повторно ќе биде едукативниот дел, пропратен со ексклузивен мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари. Во рамки на Фестивалот ќе бидат одржани две дискусии. Првата ќе биде на тема „Соочување со минатото“ во соработка со нашите партнери Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со Еко-свест ќе биде на тема заштита на животната средина и пред се Охридското Езеро, а учество ќе земат екологисти и преставници на институциите, истакна Верица Недеска, модератор на фестивалот. 

Фестивалот, според неа, по втор пат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм „Fund Ready“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network. Во музичката ОФФ програма ќе настапат Фолтин, а фестивалот ќе биде затворен со диџеите Diah и Бодан Јамакоски. сс/аа/

Фото МИА

Остани поврзан