• четврток, 26 декември 2024

Поповски: Драматично да се зголеми вложувањето во наука и да се задржат најдобрите млади научници

Поповски: Драматично да се зголеми вложувањето во наука и да се задржат најдобрите млади научници

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Мора драматично да се зголеми вложувањето на државата во науката затоа што нашите научници освен ова вмрежување, ќе треба малку и да се позанимаваат со истражувачка работа за потребите на државата, изјави проф. д-р Зоран Поповски, претставник на нашата држава во Управниот комитет на COST кој денеска одржува годишен состанок  во Скопје. 

Северна Македонија од 2002 година членува во COST (Европска соработка за наука и технологија) - организација за научно-технолошко вмрежување во Европа која се финансира од Европската комисија, годишно со околу 70 милиони евра.

Учеството на нашите научници во тековните акции на COST е пофалено затоа што се најактивни меѓу земјите од Западен Балкан што се должи и на немањето можности и финансии од домашниот буџет.

-Кога човек нема доволни можности, тогаш е жилав и се бори, бара некакви излезни решенија. Дефинитивно, ние ќе продолжиме да бидеме најактивни. Меѓутоа, мора драматично да се зголеми вложувањето на државата во науката затоа што нашите научници освен ова вмрежување, ќе треба малку и да се позанимаваат со истражувачка работа за потребите на државата. Ние треба да ги научиме нашите донесувачи на одлуки - политичарите, да бараат решение од научниците, научната фела да нуди решенија без никакви импровизации, особено кога станува збор за крупни прашања во државата, изјави Поповски. 

На прашањето дали земјава ги задржува научниците, тој одговори дека трендот на „бела чума“ е присутен и во научните кругови што се должи на ограничените вработувањата во науката и во истражувањето.

-За жал, добар дел од младите ни заминуваат. Мораме да развиваме механизми за задржување затоа што кога ќе си заминат најдобрите, нема на што да почива напредокот на државата. За жал, во моментов немаме некој активен инструмент со којшто ќе речеме дека еве, ова е одлична можност за наши проминентни млади научници се вратат во државата, истакна Поповски. 

Во однос на издвојувањата за наука од БДП од државниот буџет, министерот за образование и наука Јетон Шаќири во одговор на новинарско прашање рече дека во новиот буџет за 2024 ќе се залага „освен тоа што е предвидено, со пренамени да има плус средства за наука“. 

Притоа посочи дека буџетските средства оделе за, како што рече, неопходни намени, како зголемување на платите во високо образование и во справување со финансиската и енергетската криза. Напомна дека во наредниот период ќе се залага буџетски средства што нема да се искористат да се пренаменат за наука и истражување. Но, ги повика универзитетите да се посветат на научни проекти и со самофинансирање. 

-Освен што имаат приходи од државниот буџет, универзитетите имаат и сопствени приходи од партиципацијата на студентите. Ги повикувам сите, дел од нивните сопствени фондови да ги инвестираат во наука и истражување, додаде Шаќири. хс/ев/ 

Фото: МИА 

 

Остани поврзан