• среда, 20 ноември 2024

Поплави во Албанија, Мета бара итно ангажирање на сите структури

Поплави во Албанија, Мета бара итно ангажирање на сите структури
Тирана, 26 јануари 2021 (МИА) - По поројните дождови во изминатите денови, кои предизвикаа поплави во повеќе делови на Албанија, шефот на државата Илир Мета побара итно ангажирање на сите структури со цел „државата да му помогне на секој граѓанин од поплавените подрачја“. Според Мета, тешко е денес да се најде регион во Албанија без проблеми од дождовите присутни изминативе денови. - Десетици куќи, деловни објекти и големи земјоделски површини, приватен и јавен имот, од север до југ, се поплавени, но недостасува помошта на државните структури за жителите. Во над 10 куќи во Шијак и над 70 во Сухт 2 и Вадард надојдената вода е 30 сантиметри. Истата состојба резултира и во Берат, а се предупредува на можно влошување на состојбата во регионите на Фиер и Корча, напиша Мета на Фејсбук. Првичните извештаи, додава тој, зборуваат за над 1.500 хектари поплавено земјиште во подскадарскиот регион, а од испуштањето вода од хидроелектраните ситуацијата ќе се влоши, како што е и во областа долж реката Вјоса. - Во оваа влошена состојба, итно е потребна посветеност на сите структури на централно и локално ниво за да се минимизираат последиците врз имотот и да се избегне каков било ризик по здравјето и животот на граѓаните. Оперативните тимови за цивилна заштита, спасување и евакуација и противпожарните служби треба да бидат 24/7 на терен, покрај граѓаните на кои им е потребна помош, апелира Мета. Посочува дека Министерството за одбрана и државните резерви мора, без одлагање, да подготват помош во храна и други потреби за семејствата чии домови се поплавени. Од Министерството за земјоделство побара веднаш да го достави потребното количество на сточна храна за добитокот во сопственост на лица чии домови се поплавени. Градоначалничката на Скадар, Волтана Адеми, каде состојбата е најсериозна, бидејќи делови се поплавени уште од средината на месецов, за Њуз 24 телевизија вечерва рече дека ќе побара прогласување вонредна состојба на локално ниво. Според неа веќе почнала евакуација на дел од семејства. вт/гт/

Остани поврзан