• четврток, 26 декември 2024

Попис 2021: Над една третина од становите во земјава се ненаселени

Попис 2021: Над една третина од становите во земјава се ненаселени
Скопје, 5 јуни 2022 (МИА) – Од вкупно 839 174 станови, 531 987 станови или 63,4 проценти се населени, а 307 187 станови или 36,6 проценти се ненаселени. Вкупната корисна површина на населените станови 55 212 163 м2, додека на ненаселените е 27 850 636 метри квадратни. Во просек населените станови имаат по 103 метри квадратни, додека ненаселените во просек се по 90 метри квадратни. Ова го покажува третиот сет на податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021, објавен од Државниот завод за статистика. По региони најмногу празни станови има во Југозападниот регион каде од вкупно 51 348 станови над половината се ненаселени. Најмалку празни станови има во Скопскиот регион, каде од 243 252 станови, 29 проценти се празни или 70 094. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10 865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17 771 стан. Интересно е дека за 20 години во Центар бројот на станови е зголемен за над 30 проценти, додека во Чаир за само 3,62 проценти. Во земјава официјално има 34 градови. Од нив осум се големи со над 50 илјади жители, 18 се средни со меѓу 10 и 50 илјади жители и осум се мали со под 10 илјади жители. Една третина од становите во сите големи градови во земјава се празни Куманово, кој е втор по големина град во земјава со 98 104 жители има околу 12,5 илјади празни станови или 33 проценти од вкупниот број. Исто како него и Битола, кој со 85 164 жители е трет по големина град во земјава и има над 16 илјади празни станови или 36,7 проценти. Слично е и во останатите големи градови во земјава Тетово (84 770 жители) има 9 747 празни станови или 32,3 проценти, Прилеп (69 025 жители) има над 11 илјади празни станови или 33,5 проценти, Гостивар (59 770 жители) има над 12 илјади празни станови или 44 проценти, Охрид (51 428 жители) има 17 820 празни станови или 53 проценти и Струга (50 980 жители) има над 10 илјади празни станови или 45 проценти од вкупниот број станови се ненаселени. Околу половина од вкупниот број на станови се празни и во Кичево (39 669 жители) има речиси 13 илјади празни станови, Крива Паланка (18 059 жители) има над 5 илјади празни станови, Берово (10 890 жители) речиси пет илјади празни станови и Ресен (14 373 жители) има над четири илјади празни станови. Во Струмица (49 995 жители) има над осум и пол илјади празни станови, Кочани (31 602 жители) има над седум илјади празни станови, Радовиш (24 122 жители) има речиси четири илјади празни станови, Гевгелија (21 582 жители) има над три и пол илјади празни станови и Свети Николе (15 320 жители) и Виница (14 475 жители) имаат над 2 600 празни станови. Во четири мали градови празни се околу половина од становите - Кратово (7 545 жители) има речиси три илјади празни станови, Демир Хисар (7 260 жители) има над четири илјади празни станови, Македонски Брод (5 889 жители) има 2 248 празни станови и Пехчево (3 983 жители) има над 1 500 празни станови. Скопскиот регион има 607 007 жители и 243 252 станови, од кои 70 094 или 29 проценти се празни Најмногу празни станови има општина Сопиште, каде 60 проценти од вкупно 4 214 станови се празни, додека најмалку празни станови има Арачиново, каде само 578 станови или 20,5 проценти се ненаселени. Градот Скопје има 526 502 жители и 213 850 станови, од кои 27,7 проценти се ненаселени. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10 865 или над 40 проценти од вкупниот број, по што следи Карпош со 10 041 стан или 31 процент од вкупниот број на станови во општината. Најмалку празни станови имаат Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17 771 стан и Бутел – 22,8 проценти од вкупно 12 324 станови. Во последните 20 години бројот на станови е зголемен за 22,5 проценти. Најголем раст има во Аеродром – 32,7 проценти и Центар – 30,2 проценти. Најмал раст во бројот на станови има во Чаир – 3,62 проценти и Бутел – 10 проценти. Вардарски регион има 138 722 жители и 59 103 станови, од кои 17 453 или 29,5 проценти се ненаселени. Интересно е што ова е единствениот регион каде во последните 20 години бројот на станови е намален и тоа за 3,83 проценти. Од општините во регионот најмногу празни станови има во Чашка, каде над 58 проценти од становите се празни, а најмалку има во најголемиот град во регионот – Велес, каде ненаселени се 4 147 стана или 22,26 проценти од вкупниот број. Вториот по големина град во општината - Кавадарци брои 35 733 жители и иако во последните 20 години бројот на станови се има намалено за над 1 400 или 9,7 проценти, сепак околу 27,5 проценти од становите во општината се ненаселени. Југоисточен регион има 148 387 жители и 74 588 станови, од кои 27 248 или 36,5 проценти се празни. Најмногу празни станови има во Дојран каде 68,3 проценти од вкупно 3 147 станови се празни. Иако над две третини од становите се празни, нивниот број во оваа општина во последните дваесет години е зголемен за над 32 проценти. Во најголемиот град во регионот Струмица во последните 20 години бројот на станови е зголемен за речиси 25 проценти. Источен регион има 150 234 жители и 84 324 станови, од кои 33 144 или 39 проценти се празни. Најмногу празни станови има Берово, каде од 10 890 станови 56 проценти се празни, а над половина станови се празни и во Пехчево. Во најголемиот град во регионот Штип – празни се 31,5 проценит од становите, а во Кочани над 700 станови или 38,5 проценти од вкупниот број. Во последните 20 години и во Берово и во Штип бројот на станови е зголемен за 22 и за 19 проценти. Пелагониски регион има 210 431 жители и 107 602 станови, од кои 41 671 или 38,7 проценти се празни. Во Битола има 16 063 ненаселени станови, а во Прилеп 11,094, но во последните 20 години во овие градови бројот на станови е зголемен за 15, односно 10 проценти. Најмногу празни станови има Демир Хисар, каде од вкупно 6 583 станови, празни се 64 проценти. Полошки регион има 251 552 жители и 100 647 станови, од кои 39 140 или 38,9 проценти се празни. Во двата најголеми градови во регионот Тетово и Гостивар за 20 години бројот на станови е зголемен за над 25 проценти, но сепак во Гостивар празни се над 12 илјади станови или 44 проценти, додека во Тетово ненаселени се една третина од вкупно 30 167 стана. Североисточен регион има 152 982 жители и 68 580 станови, од кои 27 089 или 39,5 проценти се празни. Една третина од становите во најголемиот град во регионот – Куманово се празни. Иако над 12 и пол илјади станови се празни, бројот на станови во Куманово во последните 20 години е зголемен за 4 679 или 12 проценти. Над половина од становите се празни и во Кратово, додека во Крива Паланка над 5 илјади станови или 45 проценти од вкупниот број се ненаселени. Сепак, во последните 20 години во Крива Паланка бројот на станови е зголемен за 18,6 проценит, а во Кратово за 10 проценти. Југозападен регион има 177 398 жители и 101 078 станови, од кои 51 348 или 50,8 проценти се ненаселени. Во најголемиот град во општината Охрид, над половина од вкупниот број на станови или над 17 илјади се празни. Во последните 20 години во Охрид бројот на станови е зголемен за околу 5 илјади или 15 проценти. Во Струга празни се над 10 илјади станови или над 44 проценти, а во Кичево речиси 13 илјади станови се ненаселени. Александар Атанасов

Остани поврзан