• среда, 18 декември 2024

Пописот во Албанија  официјално заврши, Македонците во Мала Преспа не губат надеж дека ќе бидат попишани 

Пописот во Албанија  официјално заврши, Македонците во Мала Преспа не губат надеж дека ќе бидат попишани 

Тирана, 16 ноември 2023 (МИА) - Пописот на населението и домаќинствата во Албанија официјално заврши денеска, 16 ноември, објави доцна попладнево Инстатутот за статистика, ИНСТАТ.

Во објава се додава дека, до 24 месецов, по слободен избор,  на терен ќе се изврши проверка за лица кај кои стои забелешка дека одбиле да се попишат.

- За проценка на квалитетот на процесот и опфатот, од 20 ноември до 20 декември 2023 година, ќе биде спроведена пост-пописна анкета според препораките на Обединетите нации и Европската Унија, во 100 пописни подрачја, распоредени низ целата земја, стои меѓу другото во соопштението на ИНСТАТ.

Дали ќе биде опфатена општина Пустец претставниците на македонските асоцијации во оваа земја не можеа да дадат потврден одговор, но, велат, дека се уште имаат надеж.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по одлуката на ИНСТАТ, пописот да биде продолжен 15 дена, побара од албанските власти  да  продолжи пописот на населението во Мала Преспа и деловите каде што живее етничко македонско население.

Во образложението на барањето наведоа дека  причината  е што официјално пописот траел шест недели, но во реалноста ситуацијата била сосем друга – попишувале вкупно три недели. 

-Секој ден 400 до 500 лица од Мала Преспа влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи трае бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не беа попишани. Доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш реагиравме, рече неодамна  Васил Стерјовски, претседате на МАЕИ.

Додаде дека од ИНСТАТ, премиерот, министерот за внатрешни работи,  побарале да се попишаат жителите на Преспа,  но проблемот беше што попишувачите не ги попишуваа".

- Поради тоа се сомневаме дека врз тоа има директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци, посочи Стерјовски.

Пописот почна на 18 септември и требаше да трае до 30 октомври, но беше продолжен.

Ова е 12. попис  во историјата на земјата, првиот бил спроведен во 1923 а последниот во 2011 година.

Претставниците на македонските асоцијации тврдат дека до сега во пописните резултати нема лице кое се изјаснило како Бугарин. вт/лв/

фото: МИА архива 

 

Остани поврзан