• четврток, 26 декември 2024

Помпео: Мултикултурализмот не е својствен за Америка

Помпео: Мултикултурализмот не е својствен за Америка
Вашингтон, 19 јануари 2021 (МИА) - Во последниот ден од неговата функција, американскиот државен секретар Мајк Помпео изминативе часови твитна повеќе проштални соопштенија. Еден твит, сепак, се издвојуваше од останатите со пораката „мултикултурализмот не е својствен за Америка“. - Воукизмот, мултикултурализмот, сите тие изми – не се тоа што е Америка. Тие ги извитоперуваат нашите славни корени и тоа што оваа земја претставува. Нашите непријатели ги разгореа овие поделби бидејќи знаат дека тие не прават послаби, напиша Помпео денеска на Твитер. „Воукизам“ е политички термин со потекло од афроамериканскиот англиски што значи „да се разбудиш“. Реакциите од американската јавност се молскавични. Илјадници корисници на Твитер одговорија гневно, со назнака дека уште многу одамна повеќе од еден век, Америка е всушност „мелтинг пот“, мешавина од раси и култури и дека токму тоа ја прави посилна. Многумина со олеснување го прифатија фактот дека Помпео го минува последниот ден на оваа втора по важност функција во САД по онаа на претседателот. На својот последен цел работен ден на позицијата прв американски дипломат, и само еден ден по Денот на Мартин Лутер Кинг, државниот секретар Помпео укажува дека мултикултурализмот е неамериканска појава, напиша „Биснис инсајдер“. - Љубопитна порака од дипломат чии предци биле имигранти од Италија и која е спротивна на долготрајната гордост на САД дека се мелтинг пот (мешавина) на култури, наведува Њујорк тајмс. Весникот укажува дека во изминатите четири години црномурестите дипломати во Стејт департментот биле игнорирани, ставани настрана или принудени да дадат оставкa, и „сега Помпео се поддава на политичка коректност и наведува дека тоа цели кон едно нешто – авторитаризам“. Повеќе американски дипломати реагираа на твитот на Помпео. Некои набљудувачи сметаат дека со ова тој и импонира на тврдокорната база гласачи на претседателот во заминување, Доналд Трамп, со намера да се кандидира за висока позиција по изборите во 2024 година, па дури и да се вклучи во трката за претседателски кандидат на републиканците. кб/

Остани поврзан