• четврток, 26 декември 2024

Помалку приватни поштенски оператори, но поголем обем и приходи на пазарот

Помалку приватни поштенски оператори, но поголем обем и приходи на пазарот

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Продолжува да опаѓа интересот за влез на пазарот на поштенски услуги, но намалениот број на оператори не ја намали понудата, обемот и приходите на поштенскиот пазар.  По минатогодишното намалување на бројот на даватели на поштенски услуги  за 10, од почетокот на годинава се укинати уште две  општи овластувања,  исто толку се издадени и на пазарот работат 35, покажуваат податоците презентирани на денешниот јавен состанок на Агенцијата за пошти. 

Регулаторот од јануари досега издаде едно општо овластувања за обезбедување поштенски услуги на нов субјект и едно на веќе лиценциран давател што ја сменил сопственичката структура и се ребрендира. Во тој период до АП се поднесени шест претставки и еден управен приговор,  при што во пет случаи се приговарало за услугите на даваталот на АД Пошта на Северна Македонија, а во еден за услугите давател од слободниот пазар.

Директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска на состанокот истакна дека како регулатор ја зајакнале надзорната и контролната функција, од почетокот на годината спровеле шест надзори, три редовни и три вонредни, при што се констатирани прекршоци и за правните и за одговорните лица. 

Според неа, намалувањето на бројот на даватели на услуги со општо овластување во 2022 година не влијаело на степенот на вертикална конкурентност на внатрешниот поштенски пазар. Понудата не се намалила, туку се редистрибуирала кај поголемите субјекти, исто како и и обемот и приходите. 

Потенцирајќи повторно дека развојот на е-трговијата е клучниот  генератор на растот на поштенскиот пазар во изминатиот период Аврамовска Ѓореска порача дека е крајно време да се засили контролата на државата кон субјектите кои продаваат на далечина низ различни канали, а особено на социјалните мрежи. 

-Сите тие и легални и негелагни е-трговци се клиенти на нашите поштенски оператори со кои поштенскиот бзинис мора да се справува, укажа директорката на АП, споделувајќи дека во пресрет на денешниот јавен состанок  во два спроведени надзора во координација со други институции се запленети огромни количини поштенски пратки со недекларирана и неоцаринета трговска стока внесена од странство. 

Аврамовска Ѓореска апелира до судската власт за поригорозно санкционирање на субјектите кои вршат поштенски услуги без соодветно општо овластување. Ниско изречените глоби, од 100 до 200 евра, посочи таа, ги охрабрува и останатите субјекти свесно да го кршат законот, што директно ја стимулира сивата економија. 

Пред учесниците на јавниот состанок, поштенски оператори и претставници на државни институции, беше нагласено и дека промовирањето на конкуренцијата во сегментот на писма е особено важно  и во нашата земја. Проценката е дека пазарот на писма ќе остане на ова ниво поради динамиката на дигитализација на процесите и традицијата што големите деловни испраќачи и јавната администрација се уште претпочитаат комуникација со корисниците и граѓаните преку писма. 

Давателот на универзалната услугуа со своите веќе воспоставени поштенски мрежи и структурата на фискни трошоци, треба да бара начини да ја зголеми ефикасноста, да ги подобри решенијата, да ги збогатат своите понуди на услуги, рече Аврамовска Ѓореска. 

Таа најави дека до крај на третиот квартал годинава ќе биде готова нацрт верзија на измени и дополнувања на Законот за поштенски услуги, со коишто ќе се доуреди делот на дефинирање и опфат на универзалната услуга, на поштенските услуги, доставата на поштенските пратки, пристапот до мрежа со меѓународните стандарди, финансирањето на АП, како и усогласувањето на националното законодавство со европското, вклучувајќи ја и новата Регулатива на ЕК за меѓународна достава на пакети.

Податоците презентирани на јавниот состанок покажуваат лани до Пошта на РСМ како давател на универзалната услуга се поднесени 407 рекламации, од кои 55 проценти се за изгубени поштенски пратки. До давателите на поштенски услуги на слободниот пазар, пак, се доставени 976 рекламации и од нив 62 проценти се за оштетна или намалена содржина на поштенски пратки. 

Бројот на пратки по глава на жител во 2022 година во државава изнесува 19,5 и е намален во однос на 2021 година кога  бил 20,4.

Обемот на поштенскиот пазар во минатата година изнесувал 35.826.593 милиони поштенски пратки, што е намалување од 4,76 проценти во споредба со 2021 година. Кај АД Пошта на РСМ има постојано намалување на обемот, за 7,5 проценти во 2022 година, а кај давателите на услуги на слободниот пазар постојан раст, кој лани изнесувал 7,3 проценти во однос на 2021 година. 

Вкупниот приход кај сите даватели на поштенски услуги во 2022 година во однос на 2021 година е зголемен за 13 проценти и учествуваат со 0,3 проценти во вкупно остварениот БДП на државата. 

Во поштенскиот сектор  заклучно со 2022 година биле вработени 3 121 лице, од кои 1998 во АД Пошта на РСМ, а другите 1 123 се во компаниите на слободниот пазар. Вкупниот број на вработени во поштенските компамнии лани е намален за 8,5 проценти во однос на 2021 година.лв/аа/

фото:МИА 

 

-

 

Остани поврзан