• сабота, 23 ноември 2024

Полуфиналето во Купот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички без навивачки групи на вечните ривали

Полуфиналето во Купот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички без навивачки групи на вечните ривали

 

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) – Градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички информираа попладнево дека меѓусебниот дуел во рамки на полуфиналето во националниот Куп ќе се игра без присуство на навивачките групи на двете екипи на барање на организаторите на завршниот турнир во Битола.

„Сакаме да ве известиме дека поради безбедносни причини присуство на навивачки групи на денешниот натпревар нема да има“, се наведува во соопштението кое Кошаркарскиот клуб Пелистер, како организатор на завршницата на Купот, го испрати до МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

Актуелниот шампион и бранителот на куп трофејот МЗТ Скопје Аеродром изрази „разочараност“ од одлуката на организаторите.

„МЗТ Скопје Аеродром денеска по 26-ти пат ќе игра во полуфиналето од Купот на Македонија, што значи дека имаме акумулирано искуство не само на теренот туку и на организациски план. Поради тоа, со сигурност може да кажеме дека ова е преседан каков што досега не е виден, бидејќи куп-завршници и во минатото се играле надвор од главниот град, па никаде не е преземена ваква непопуларна мерка, која е надвор од секоја спортска, па и човечка логика. Изминатите часови на секаков начин и со секакви гаранции се обидовме да го смениме мислењето на луѓето од Пелистер, но, за жал, не успеавме во тоа“, се наведува во клупското соопштение.

Првиот полуфинален натпревар во македонскиот кошаркарски Куп меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички е со почеток во 17 часот, а од 19 часот на програмата е второто полуфинале меѓу домаќинот Пелистер и Еуро Никел. ег ФОТО: КК МЗТ Скопје Аеродром

 

Остани поврзан