• среда, 25 декември 2024

Полскиот министер Шикорски тврди дека Русија ги третира украинските деца како нацистите

Полскиот министер Шикорски тврди дека Русија ги третира украинските деца како нацистите

Варшава, 25 септември 2024 (МИА) - Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Шикорски, ја обвини Русија во Обединетите нации (ОН) дека го прави истото со украинските деца како нацистите, кои ги одвлекуваа децата од Полска и Советскиот Сојуз во Германија за да ги германизираат и да ги направат русокоси ариевци, расно посакувани деца.

„Со што се разликува тоа што им го правите на киднапираните украински деца од она што германските нацисти им го направија на вашите и на нашите деца?“, му се обрати Шикорски на рускиот претставник Василиј Небенжа на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина.

Шефот на полската дипломатија потсети дека киднапирањето и индоктринацијата на деца од друга земја, нација или група, според меѓународното право, е воено злосторство геноцид.

„Постојаните членови на Советот за безбедност треба да бидат мировници, а не киднапери на деца. Ова е срам за Русија што никогаш нема да биде простено или заборавено“, рече Шикорски.

Небенжа ја напушти салата кога полскиот министер (одговарајќи на тврдењата на рускиот амбасадор дека украинскиот режим е нацистички) покажа фотографија од заедничката германско-советска триумфална парада кога од почетокот на Втората светска војна, Германија од 1 септември и СССР од 17 септември 1939 година, тие две земји ја окупираа Полска.

„Амбасадорот Небенжа и руските пропагандисти сакаат да ја нарекуваат демократски избраната влада на Украина нацистичка. Во Полска живеам на три километри од Потулич, каде што имаше поранешен нацистички логор за селекција за време на Втората светска војна. Илјадници деца од Полска и Советскиот Сојуз од околината на Смоленск и Витебск, беа затворени таму, 800 од нив загинаа, а илјадници беа транспортирани на запад за да бидат германизирани, ариевски деца, расно пожелни“, рече Шикорски.

Како одговор на тврдењето на рускиот амбасадор дека Русија не убива цивили во Украина, полскиот министер покажа фотографија од станбена зграда во Лавов, на западот на Украина, која е урната од руска ракета. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан