• среда, 25 декември 2024

Полска компанија за муниција го зголемува производството како дел од европскиот план за Украина

Полска компанија за муниција го зголемува производството како дел од европскиот план за Украина

Варшава, 25 март 2023 (МИА) - Полскиот производител на муниција Дезамет, дел од државната групација за оружје Polska Grupa Zbrojeniowa (PGZ), значително ќе го зголеми својот производствен капацитет заради снабдување на Украина со муниција финансирана од Европската Унија, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Најавата на Моравјецки доаѓа пред планираната посета на комесарот за внатрешен пазар на Европската комисија, Тиери Бретон, на Дезамет в понеделник.

Седумнаесет земји-членки на ЕУ и Норвешка оваа недела се договорија заеднички да набават муниција за да и помогнат на Украина и да ги надополнат сопствените резерви, соопшти Европската одбранбена агенција.

Дезамет, кој произведува муниција за артилерија, минофрлачи и гранатофрлачи, е една од 50-те компании за оружје во групата ПГЗ.

„Таа фабрика може да смета на нови нарачки и средства, ќе започнеме нови производни линии во оваа компанија и во други за производство на муниција“, изјави Моравјецки за полското радио RMF на прашањето од новинарите за посетата на Бретон на фабриката.

„Сакаме повеќекратно да го зголемиме производството што е можно побрзо“, додаде тој.

Моравјецки рече дека очекува и приватните компании во Полска да го зголемат производството на муниција.

ПГЗ има намера да го зголеми бројот на вработени за неколку илјади луѓе, изјави вчера шефот Себастијан Чвалек. Групата моментално вработува околу 20.000 луѓе. ссм/

Остани поврзан