Полска и балтичките земји со позитивен став кон предлогот на Макрон за „нуклеарно одвраќање“
- Полска и балтичките земји на денешниот специјален Самит на ЕУ во Брисел изразија позитивен став кон предлогот на претседателот на Франција, Емануел Макрон за евентуално користење на француското нуклеарно оружје за одвраќање и заштита на Европа од руските закани.

Бисел, 6 март 2025 (МИА) - Полска и балтичките земји на денешниот специјален Самит на ЕУ во Брисел изразија позитивен став кон предлогот на претседателот на Франција, Емануел Макрон за евентуално користење на француското нуклеарно оружје за одвраќање и заштита на Европа од руските закани.
Полскиот премиер Доналд Туск, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека оваа идеја „вреди да се разгледа“, но дека таа би требало да биде дел од пошироката активност за координирање на европските одбранбени напори.
- Како и секогаш, деталите се важни, но подготвеноста на Франција во овој поглед е многу значајна, рече Туск.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа оцени дека станува збор за „многу интересна идеја“, додавајќи дека воспоставувањето на „нуклеарен чадор“ над Европа би послужил за „многу сериозно одвраќање“ на Русија“.
Летонската премиерка Евика Силиња истакна дека францускиот предлог претставува добра „можност за дискусија“, но дека е потребно повеќе време за разговори со другите европски сојузници, како и во самата Летонија.
Макрон вчера во телевизиско обраќање до нацијата најави дека решил да иницира „стратешка дебата“ за користење на француското нуклеарно одвраќање за заштита на европските сојузници од Русија, која ја оквалификува како „закана за Франција и за Европа“.
Слична идеја минатиот месец промовира и најверојатниот иден германски канцелар Фридрих Мерц, кој повика на дебата за „нуклеарно споделување“ со Франција.
Франција е единствената членка на Европската Унија што поседува нуклеарно оружје. сп/
Фото: МИА Архива