• среда, 02 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Полицијата пронашла 31 дете во куќа во Брчко, уапсени три лица за трговија со луѓе

Полицијата пронашла 31 дете во куќа во Брчко, уапсени три лица за трговија со луѓе

Сараево, 26 февруари 2025 (МИА) - Полицијата и надлежните служби пронашле 31 дете во куќа во Брчко, Босна и Херцеговина.

Според порталот Кликс.ба (Klix.ba), децата имале хрватски пасоши, а три лица се уапсени поради сомнение дека сториле повеќе кривични дела меѓу кои и трговија со луѓе.

Како што соопштија од окружната полиција Брчко, преземајќи активности од нивна надлежност, полициски службеници вчера, под надзор на Окружното обвинителство Брчко на БиХ и во соработка со Одделот за социјална заштита и Црвениот крст, пронашле поголем број деца и ги однеле на безбедно место.

„Во рамки на досегашните активности, уапсени се три лица поради основано сомнение за сторени кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на деца. Истрагата за инцидентот е во тек“, се наведува во соопштението.

„Имајќи ги предвид законските одредби за постапување во кривични предмети против сторители на кривични дела против деца и малолетни лица, како и универзалните права на детето, потсетуваме на обврската за постапување со особена внимателност со цел избегнување натамошни штетни последици и заштита на интересите на детето“, соопшти полицијата.

Според Klix.ba, меѓу нив имало и деца под една година. Децата ги чувала жена, најверојатно италијанска државјанка. Со неа е уапсен и државјанин на БиХ, заедно со нејзиниот син. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан