• недела, 24 ноември 2024

Полициско насилство во атинска населба (видео)

Полициско насилство во атинска населба (видео)
Атина, 8 март 2021 (МИА) – Жителите на атинската населба Неа Смирни, преку сведоштва и објавени видеа на социјалните мрежи обвинуваат за полициско насилство врз момче, за што и синоќа одржаа и протест, а реагира и обвинителството, јави дописничката на МИА од Атина. Според објавените видеа, полицајците тепаат младо момче кое вика дека го боли и бара да прекинат со ударите со пендреци.

Како што сведочат жители на населбата за грчките медиуми, инцидентите започнале на плоштадот во населбата кога пристигнале полицајци да извршат контроли за почитувањето на рестриктивните мерки, а група граѓани реагирале кога полицајците, според тврдењата на граѓаните, без причина сакале да казнат семејство. Од полицијата пак, преку соопштение тврдеа дека полицијата била нападната од 30 лица, биле повредени двајца полицајци и приведени 11 лица, додека пак за видеото со насилството наредена е внатрешна истрага. Жителите на населбата, кусо по инцидентот, одржаа собир против полициското насилство, а протестот заврши со мали инциденти. Грчките медиуми утрово објавија дека за инцидентите реагирало обвинителството, кое ќе отвори истрага, а целиот случај предизвика и политички реакции во Грција. ср/сд/

Остани поврзан