• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Полициско здружение до Дачиќ: Итна деполитизација на полицијата

Полициско здружение до Дачиќ: Итна деполитизација на полицијата

 Белград, 14 април 2025 (МИА) - Професионалното здружение на полицијата „Д-р Рудолф Арчибалд Рајс“ испрати отворено писмо до пратениците и кандидатот за министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, во кое ја изразуваат својата загриженост за повеќегодишната пасивност во решавањето на системските проблеми што го нарушуваат угледот, функционалноста и безбедносната улога на полицијата во општеството.
Резултатите од интерната анкета спроведена меѓу 1.890 полицајци од повеќето полициски администрации во Србија покажуваат дека 46,1 отсто од полицајците немаат доверба во своето непосредно раководство, се вели во соопштението на здружението.
Повеќе од 70 отсто од испитаниците изјавиле дека биле изложени на политички притисок, а 58,3 отсто сметаат дека професионалните стандарди во полицијата значително паднале. 
Анкетата покажала и дека речиси 80 отсто од испитаниците сметаат дека раководството не реагира соодветно во кризни ситуации, додека 92 отсто од полициските службеници не чувствуваат дека се доволно заштитени на терен.

Според нив, анкетата покажува дека довербата во полицијата е исто така на исклучително ниско ниво, а перцепцијата за политичка инструментализација на службата дополнително го урива односот меѓу институцијата и граѓаните.

Тие податоци не смеат да останат игнорирани, сметаат од полициското здружение и го повикуваат Дачиќ да не го сведува ново-стариот мандат на административна рутина, туку да иницира сериозна, суштинска реформа на МВР на Србија - без политичка шминка.

„Потребна е итна деполитизација на полициското работење, зајакнување на професионалните стандарди, враќање на меѓучовечката доверба во службата и подобра заштита на полициските службеници во секојдневното работење. Полицијата мора да им служи на законите и на граѓаните - а не на партиските интереси“, се нагласува во соопштението на тоа полициско здружение. зш/

Остани поврзан