• сабота, 28 декември 2024

Политички центри пласираат лажни вести за решенијата на Историската комисија за дневно политичка борба, вели Османи

Политички центри пласираат лажни вести за решенијата на Историската комисија за дневно политичка борба, вели Османи
Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Негативните реакции во однос на договорените решенија на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања се последица на намерно пласирани лажни вести од страна на политички центри, со цел да се искористи дебата за дневно политичка борба, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. - Северна Македонија деновиве е претворена во центар за лажни вести. Значи, можам најодговорно да кажам дека 95 проценти од сите шпекулации, од сите информации во врска со „францускиот предлог“, во врска со Протоколот, во врска со решенијата на Комисијата се намерно пласирани лажни вести од страна на политички центри со цел да се искористи емотивниот карактер на оваа дебата во дневно политичката борба, истакна Османи во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија Канал 5. Според него, главен проблем е што одредени политичари по секоја цена, дури и за прашања коишто се најсуштествени за државата, се калкулираат само од аспект дали се на власт или не. - Битно е да се слушаме. Мислам дека не се слушаме во оваа дебата. Мислам дека сме закотвени во нашите позиции, онака како ние мислиме дека е нашиот политички поглед по однос на тоа прашање и воопшто не ги слушаме аргументите. Денеска излегува Историската комисија и кажува - дајте аргументи за овие тези коишто ги кажувате против решенијата. Никој не дава аргументи. Дури и авторите на слични решенија се критични, бидејќи стана популарно да се биде критичен. Стана нов тренд и нова мода да се биде критичар. Но, реалноста не е тоа. За жал, проблемот е што не се слушаме, а не во тоа дека не говориме доволно, додаде шефот на дипломатијата. Според него, во јавноста се создаде погрешна перцепција дека историчарите од бугарската дел од Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања изразиле чувство на триумфализам во однос на договорените решенија. - Тоа е една маргинална група на историчари во Република Бугарија кои се на маргините на политичката дебата и се поставени провокативно кон овој процес. Се обидуваат намерно да го направат токму тоа, бидејќи во Република Бугарија апсолутно нема чувство на триумфализам, истакна Османи. Тој нагласи дека решенијата на Комисијата што беа презентирани во јавноста оваа недела се договорени уште во 2019 година и се одобрени од претходниот министер за надворешни работи Никола Димитров. - Во меѓувреме немаше нови решенија. Тие се однесуваат на прашања од античкиот период за којшто немаше многу разлика помеѓу двете држави, додаде Османи. сп/

Остани поврзан