• среда, 25 декември 2024

Политичкиот секретаријат на СИРИЗА потврди дека Каселакис е разрешен од позицијата партиски лидер

Политичкиот секретаријат на СИРИЗА потврди дека Каселакис е разрешен од позицијата партиски лидер

Атина, 13 септември 2024 (МИА) – Политичкиот секретаријат на грчката опозициска партија на синоќешниот вонреден состанок потврди дека Стефанос Каселакис е разрешен од функцијата претседател на СИРИЗА, по соодветната одлука и изгласаната недоверба од Централниот комитет во неделата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА соопштија дека Централниот комитет, како „највисокиот орган на партијата и автентичен толкувач на статутот“ со гласањето за предлогот за недоверба на Каселакис, „автоматски го разреши од функцијата претседател на партијата и ги активираше одредбите од статутот за одржување на вонреден Конгрес“.

- Почитувањето на одлуките на колективните органи на партијата и почитувањето на статутот и партиските процедури е обврска за секој член и функционер и никој не е над нив. Затоа, ова прашање е завршено, соопштија од СИРИЗА во однос на одлуката на Политичкиот секретаријат.

Според грчките медиуми, вонредниот состанок одржан синоќа беше свикан поради внатрешно-партиските несогласувања по изгласаната недоверба во однос на тоа дали Каселакис треба да остане на лидерската позиција до конгресот на СИРИЗА во ноември, како што тврделе и барале партиски членови кои го поддржуваат, сега веќе поранешниот претседател.

Поддржувачите на Каселакис, според истите информации, се собрале пред централниот објект на СИРИЗА, додека, пак, Каселакис, преку социјалните мрежи, го осуди собирот како „чин на провокација“, побара да не се организираат протестни собири, „пред сè да не ја саботираат посетата на шефот на пратеничката група на СИРИЗА Никос Папас на Меѓународниот саем во Солун“ и ги повика своите поддржувачи да покажат „смиреност, трпение и воздржаност“.

- Вашиот гнев претворете го во креација. Тука сум, напиша Каселакис на социјалните мрежи.

Централниот комитет на СИРИЗА по гласањето во неделата му ја одзеде довербата на претседателот на партијата, а три дена подоцна Политичкиот секретаријат предложи одржување вонреден партиски конгрес на почетокот на ноември и избори за лидер на партијата на 24 ноември. 

На традиционалното претставување на главната опозициска партија на Меѓународниот саем што секоја година е непосредно пред затворањето на саемот, иако претходно беше најавен Каселакис, сепак Централниот комитет одлучи СИРИЗА да ја претставува претседателот на пратеничката група Никос Папас, па така за време на претстојниот викенд ќе одржи низа средби во Солун, а за во недела е закажана прес-конференција. ср/паг/

Остани поврзан