• среда, 18 декември 2024

Политичка криза во Јужна Кореја: Прогласена воена состојба поради „антидржавни сили“

Политичка криза во Јужна Кореја: Прогласена воена состојба поради „антидржавни сили“

Сеул, 3 декември 2024 (МИА) - Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол денеска прогласи „итна воена состојба“, обвинувајќи ја опозицијата дека го контролира парламентот, симпатизира со Северна Кореја и го парализира функционирањето на владата преку антидржавни активности.

Јун, во своето телевизиско обраќање, вети дека ќе ги „искорени про-севернокорејските сили и ќе го заштити уставниот демократски поредок“.

Овој потег наиде на остра критика, дури и од лидерот на неговата конзервативна партија, Хан Донг-хун, кој ја нарече одлуката „погрешна“ и најави дека ќе се спротивстави „заедно со народот“.

Лидерот на опозицијата, Ли Џае-Мјунг, кој тесно изгуби од Јун на претседателските избори во 2022 година, го нарече прогласувањето на воената состојба „незаконско и неуставно“.

Демократската партија, која е главната опозициска сила, ги повика граѓаните да се соберат пред Националното собрание, соопшти јужнокорејската агенција Јонхап. Пред Парламентот се распоредени силни полициски сили, кружат повеќе хеликоптери, а пред малку неколку од нив се приземјија врз зградата на Собранието.

Во меѓувреме, јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека влезот во зградата на парламентот е блокиран. Според снимките од надвор од парламентот, се гледаат судири меѓу демонстрантите и полицијата додека луѓето се обидуваат да влезат во Националното собрание.

Би-Би-Си јавува дека во моментов во собранието се околу 70 опозиционери, а останатите се собираат надвор. Се очекува дека кога ќе пристигне спикерот Ву Вон-шик, тој ќе повика на гласање за укинување на воената состојба.

Би-Би-Си известува дека според очевидци, војниците на специјалните сили се во зградата на Парламентот.

Пратениците на опозициската партија беа повикани да се соберат во зградата на парламентот. Лидерот на Демократската партија, Ли Џае-Мјунг, изјави дека парламентот ќе се обиде да ја укине оваа мерка, нарекувајќи ја „неуставна“.

Прогласувањето на воена состојба доаѓа во време кога партијата на Јун, Народна партија на силата, и Демократската партија не можат да се договорат околу буџетот за следната година.

Според јужнокорејскиот закон, владата мора да ја укине воената состојба ако мнозинството во Националното собрание го побара тоа преку гласање. Пратениците на опозицијата, според претставникот Хонг Ки-Вон, се собрале во и околу парламентот, подготвувајќи се за гласање за укинување на мерката, но потоа дојде до судири со полицијата.

Претседателот Јун изјави дека „преку оваа воена состојба ќе ја обнови и заштити слободната Република Кореја“. Тој додаде дека ќе ги елиминира „антидржавните сили што ја загрозуваат нацијата“ и ги повика граѓаните да покажат трпение за „одредени непријатности“.

Декретот предвидува дека секој што ќе го прекрши може да биде уапсен без налог. Сите медиуми и издавачи ќе бидат под контрола на воената команда, а активностите на парламентот и политичките партии ќе бидат забранети.

Јун изјави дека немал друг избор освен да ја преземе оваа мерка за да го заштити слободниот и уставен поредок, бидејќи опозициските партии во Јужна Кореја го „заробиле“ парламентарниот процес. - Прогласувам воена состојба за да ја заштитам слободната Република Кореја од заканата на севернокорејските комунистички сили, да ги искоренам одвратните про-севернокорејски антидржавни сили кои ја ограбуваат слободата и среќата на нашиот народ и да го заштитам слободниот уставен поредок, изјави тој.

Еден јужнокорејски политички коментатор оцени дека потегот на претседателот Јун Сук Јол за прогласување на воена состојба е „чисто домашно политичко прашање“.

Претседателот претходно одбиваше повици за независни истраги за скандалите поврзани со неговата сопруга и високи официјални лица.

Политичкиот коментатор Хенри Шин изјави за „Скај њуз“ дека претседателот ги користи овие истраги за да тврди дека про-севернокорејски сили се обидуваат да ја соборат владата.

Претседателот ги опишува овие истраги како „постапки за импичмент“ или истраги што „неминовно би довеле до импичмент“, вели Шин.

Јун — чиј рејтинг на поддршка е намален во последните месеци — се мачеше да ја спроведе својата агенда против парламент кој е контролиран од опозицијата, откако ја презеде функцијата во 2022 година.

Конзервативната Народна партија на Јун е во конфликт со либералната опозициска Демократска партија околу буџетот за следната година. Опозицијата, исто така, се обидуваше да усвои предлози за импичмент на тројца главни обвинители, вклучувајќи го и шефот на Обвинителството за Централниот округ во Сеул, што конзервативците го нарекоа „одмазда“ за нивните кривични истраги против Ли, кој во анкетите се смета за фаворит за претстојните претседателски избори во 2027 година.

Во меѓувреме, по прогласувањето на воена состојба, што значи привремено владеење на воените власти во време на вонредна состојба, кога цивилните власти не можат соодветно да функционираат, јужнокорејскиот вон падна на најниско ниво во последните две години.

Вредноста на валутата падна на 1.430,82 вон за долар, што е најниско ниво од октомври 2022 година.

- Ова е предизвикано од неизвесност... еден од оние потези 'прво пукај, потоа поставувај прашања', изјави Кристофер Вонг, стратег за девизни курсеви и камати во ОЦБЦ во Сингапур. - Со оглед на недостигот на информации, неизвесноста може да продолжи да го држи корејскиот вон под притисок во блиска иднина, додаде тој. ссм/

фото: ЕПА

 

 

 

 

Остани поврзан