• среда, 27 ноември 2024

„Политико“: Претстои ли крај на владеењето на „Лукоил“ во Бугарија

„Политико“: Претстои ли крај на владеењето на „Лукоил“ во Бугарија

Брисел, 28 август 2023 (МИА) - На крајот на следната година истекува рокот до кој филијалата на најголемата руска приватна нафтена компанија „Лукоил“ во Бугарија ќе биде исклучена од санкциите на ЕУ, со што постои опасност таа да ја загуби својата привилегирана позиција во енергетскиот сектор на земјата, оценува бриселскиот портал „Политико“.

Со сегашниот договор, бугарската филијала на „Лукоил“ е во можност да ја снабдува својата рефинерија „Нефтохим“ во Бургас со евтина руска нафта, што ја става во попривилегирана позиција во однос на останатите нафтени компании во Бугарија.

Енергетскиот аналитичар Виктор Катона во изјава за „Политико“ оценува дека по истекот на период за исклучување од европските санкции, рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас може да биде доведена во криза.

Поради можноста од вакво сценарио, бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев уште во јуни најави дека „ако е потребно“ Владата во Софија е подготвена да ја преземе рефинеријата „Нефтохим“, доколку биде загорозено нејзиното работење. 

Бугарија месечно увезува по околу три милиони барели руска нафта, што ја прави четврт најголем купувач на овој енергенс од Русија во светот, по Индија, Кина и Турција. 

Рафинеријата „Нефтохим“ задоволува 80 отсто од потребите на Бугарија за дизел и бензини и учествува со една десетина во бугарскиот БДП. Со 5.000 вработени, рафинеријата е најголем работдавач во регионот на Бургас и има значаен придонес за економската состојба во градот, што и дава на „Лукоил“ и одредено политичко влијание.

Претседателот на Комисијата за енергија во бугарското Собрание, Дељан Добрев кој лани поднесе 18 иницијативи за намалување на влијанието на „Лукоил“, од кои повеќето пропаднаа, оценува дека со конституирањето на секој парлментарен состав во Бугарија, се формира и „Коалиција на Лукоил“.

Според експертот на Центарот за проучување на демократијата, Мартин Владимиров, својата економска моќ „Лукоил“ ја преточува во политичко влијание, преку финансирање на одредени медиуми и партии. 

- Нејзиното влијание врз бугарската политичка и економска елита е огромно, смета Владимиров.

Аналитичарот и поранешен бугарски амбасадор во Русија, Илијан Василев наведува дека влијанието на „Лукоил“ во Бугарија е толку големо и делумно затоа што бугарската држава не би можела да се справи со кризата што би била предизвикана со евентуален прекин на испораките на нафта од Русија.

- „Лукоил“ се потпира на локални проруски медиуми, како и на политичари врз кои влијае преку локални посредници, како што се снабдувачите со гориво на големо, вели Василев.

Токму поради зависноста од руската нафта, Бугарија лани лобираше во Брисел бугарската филијална на „Лукоил“ да биде исклучена од санкциите на ЕУ за увоз на енергенсот од Русија. Тогашниот, но и актуелн бугарски министер за финансии Асен Василев, кој беше главниот преговарач со ЕУ во име на Бугарија, дури се закани и со вето на санкциите кон Русија, доколку Софија не добие отстапки. Врз основа на компромисните отстапки, Бугарија доби можност да продолжи да увезува руска нафта само по морски пат, додека на неколку други земји членки им беше дозволено да продолжат да се снадуваат со енергенсот од Русија преку нафтоводите.

null

Софија ги негираше тврдењата дека Василев лобирал во име на „Лукоил“, тврдејќи дека отстапката била побарана затоа што преку рафинеријата во Бургас со гориво се снадува и Украина. Дури и тогашниот бугарски премиер Кирил Петков во интервју за германски „Велт“ изјави дека повеќе од една третина од потребите за гориво на Украина на почетокот на војната биле обезбедени преку рафинеријата „Нефтохим“ во Бургас.

Бугарското Министерство за финансии во одбрана на својата позиција посочи и дека во првите шест месеци по стапувањето во сила на добиените отстапки, малопродажните цени на горивата во Бугарија се намалиле за 20 отсто. 

Но, Владимиров наведува дека слични намалувања на цените на енергенсите имало и во други земји на ЕУ кои не добиле никакви отстапки, додавајќи дека рафинеријата може да работи и без руска нафта. И Добрев смета дека апсолутно нема ниту еден аргумент за отстапките за Бугарија, бидејќи тие не резултирале со позначителен пад на цените на горивата за потрошувачите.

Сепак, од друга страна, Бугарија отворено застана зад Украина по руската агресија, испраќајќи и оружје и муниција и ги одби барањата на Москва за плаќање на енергенсите во рубљи со што стана првата земја од ЕУ на која и беше прекинато снадувањето од Русија.

Минатиот месец, бугарското Собрание и ја одзема концесијата на „Лукоил“ за управување со нафтениот терминал „Розенец“ во близина на Бургас. Со одлуката, на „Лукоил“ и е дозволено да продолжи да го користи нафтениот терминал, но ќе треба да и плаќа даноци на Бугарија. Најава дека „Лукоил“ за првпат ќе почне да и плаќа даноци на Бугарија, Владата во Софија даде уште во јануари, но досега, според Добрев, компанијата се уште не платила ништо.

Од „Лукоил“ за „Политико“ изјавиле дека „колку што им е познато законската регулатива се уште не е стапена во сила“ и не се информирани од властите за тоа колку треба да платат. Дополнително, „Лукоил“ ги отфрли како неосновани „обвинувањата за политички ангажман“ во Бугарија, посочувајќи дека е „меѓународна приватна компанија без државен удел“.

Според Владимиров, по завршување на периодот за исклучување од санкциите, „Лукоил“ ќе нема мотив да продолжи да работи во Бугарија, затоа што веќе нема да може да ги генерира огромни профити.

Тие се се уште тука затоа што ги користат големите пропусти и генерираат многу пари, заклучува Владимиров. сп/

Фото: Лукоил Бугарија/МИА Архива

Остани поврзан