• среда, 25 декември 2024

Политико: Европскиот јавен обвинител ја истражува преписката меѓу Фон дер Лајен и шефот на Фајзер

Политико: Европскиот јавен обвинител ја истражува преписката меѓу Фон дер Лајен и шефот на Фајзер

Брисел, 1 април 2024 (МИА) - Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител (ЕППО) ги истражува наводите за кривично дело во врска со преговорите за вакцините меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, изјави портпаролот на обвинителството во Лиеж, јави Политико.

Тие ја истражуваат преписката меѓу шефицата на Европската комисија и шефот на фармацевтската компанија „Фајзер“, Алберт Бурле.

Во последните месеци, истражителите ја презедоа истрагата од белгиските обвинители, кои ја истражуваа Фон дер Лајен за „мешање во јавните работи, уништување на СМС пораки, корупција и конфликт на интереси“, според правните документи во кои имале увид „Политико“ и портпаролот на Обвинителството во Лиеж. Иако обвинителите на ЕППО истражуваат потенцијални кривични дела, сè уште никој не е обвинет во врска со случајот.

Истрагата првично беше отворена од белгиските власти на почетокот на 2023 година, по кривичната пријава поднесена од локалниот лобист Фредерик Балдан. Подоцна ѝ се приклучија унгарската и полската влада, иако полската е во процес на повлекување на жалбата по изборната победа на проевропската влада предводена од Доналд Туск, изјави портпаролот на владата во Варшава за Политико.

Според Политико, уште посериозна нота на целиот скандал му дава фактот што ЕППО го презеде случајот од белгиските власти, поради што целата Комисија може да се најде под лупата на европските истражители, а тоа во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент, на кои актуелната шефица сака да обезбеди уште еден мандат на чело на ЕУ.

Европската комисија досега упорно избегнуваше да дава какви било официјални информации за случајот, а за медиумите официјално не го потврди ниту самото постоење на спорната преписка меѓу Фон дер Лајен и Бурле.

Договорот за набавка на вакцини на Фајзер со проценета вредност од 20 милијарди долари беше протолкуван како еден од најголемите триумфи на Урсула фон дер Лајен. Но, во меѓувреме се покажа дека нарачката била нереално голема, поради што вредноста на „пропаднатите“ дози се проценува на четири милијарди евра.

Жалбата на Балдан се фокусираше на наводна размена на текстуални пораки помеѓу Фон дер Лајен и шефот на Фајзер, Алберт Бурла, во пресрет на најголемиот договор за вакцини на ЕУ во екот на пандемијата на „Ковид-19“, во афера наречена „Фајзергејт“.

„Њујорк тајмс“, кој прв откри дека преписката се случила кога двајцата челници ги поместиле условите од договорот, започна паралелна тужба против Комисијата откако таа одби да ја открие содржината на пораките по барањето за пристап до документите. 

Веста дека ЕППО сега го истражува случајот ризикува дополнително да ја испита улогата на претседателката на Комисијата во мега договорот за вакцини, кој имаше проценета вредност од над 20 милијарди евра. ЕППО води паневропски истраги за финансиски криминал и теоретски може да заплени телефони и друг релевантен материјал од канцелариите на Комисијата или во други земји во Европа, како што е родната Германија на Фон дер Лајен, посочува Политико. ссм/

фото: архива

Остани поврзан