• среда, 25 декември 2024

Политико: Вучиќ го освојува Западот со ветувањата за литиум, но го губи народот

Политико: Вучиќ го освојува Западот со ветувањата за литиум, но го губи народот

Белград, 19 август 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, успеа да склучи договор за снабдување на Европската унија (ЕУ) со литиум што и е потребен за електрични возила, но со тоа го оживеа масовното движење против големиот рударски проект поддржан од Брисел и Берлин, пишува денеска бриселскиот портал Политико.

Во текстот „Српскиот лидер го освојува Западот со ветувања за „бело злато“, но го губи народот“, Политико наведува дека на Вучиќ како бумеранг му се враќа стремежот да стане „омилениот балкански лидер на Брисел“, пренесе Бета.

-Тоа е парадокс: Свртувајќи се кон Западот за да ја овозможи неговата транзиција кон зелена иднина, Вучиќ, според неговите критичари, осуди седум милиони српски жители на понатамошна економска експлоатација и загадување на животната средина, што ги става западните стандарди на демократија и одговорност уште подалеку од дофат, се наведува во текстот.

Порталот додава дека Вучиќ во страв ги обвини демонстрантите, кои на 10 август се собраа во Белград во десетици илјади, дека сакаат да го соборат од власт.

-Тоа е дел од хибриден пристап и извршување обоени револуции, изјави Вучиќ за новинарите, наведувајќи дека неговото предупредување за можен државен удар се заснова на информации добиени од Русија, историскиот покровител на Србија, пишува Политико.

Реномираниот бриселски портал потсетува дека англо-австралискиот рударски гигант Рио Тинто добил дозвола за развој на проектот „Јадар“ во 2017 година, пет години по доаѓањето на Вучиќ на власт и дека е отповикана по бранот масовни протести.

Се додава дека ентузијазмот на ЕУ не го делат луѓето во Србија, кои сметаат дека потпирањето на Унијата на Вучиќ само ги поттикнало неговите автократски тенденции.

-Според аналитичарите, довербата на јавноста во ЕУ нагло опадна, додека ветувањата на лидерите на блокот за промовирање на демократските вредности во земјите кои долго време се кандидати за членство стануваат сè попразни, се наведува во текстот.

Еден од водачите на еколошките протести, Небојша Петковиќ од Горњи Недељице, за Политико изјави дека ЕУ „е лицемерна затоа што го поддржува диктаторот во Србија кој го блокираше судството, медиумите и се друго“ и додаде дека Унијата „е прифатлива затоа што ќе го испорача литиумот што ѝ е многу потребен“.

Политико, исто така, наведува дека во јули Вучиќ помпезно ги угостил германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија за зелениот договор Марош Шефчович со цел да се потпише договор за формализирање на поддршката од ЕУ за проектот Јадар, заедно со кои беа потпишани неколку меморандуми со големите производители на автомобили, како што се како Mercedes-Benz и Stellantis.

Два месеци претходно, Вучиќ му приреди уште попомпезно добредојде на кинескиот претседател Си Џинпинг, со стотици Срби кои се собраа да го поздрават, веејќи кинески знамиња и извикувајќи „челично пријателство“ меѓу двете земји, додава порталот.

Политико посочува и дека во Србија на Вучиќ „многу малку се добива“ на телевизија со национална фреквенција „ако не ја одобри пораката“, и додава дека извештајот за демонстрациите против литиумот викендов траел 24 секунди на вести од јавниот сервис, за кои се вели дека „обично ги игнорираат антивладините протести“.

-Доколку барањата на демонстрантите навистина беа покриени (во мејнстрим медиумите), јавноста ќе разбере дека нивната загриженост е првенствено за еколошките прашања. За да го заобиколат медиумскиот мрак со кој се соочуваат, демонстрантите прибегнаа кон блокирање автопати и патишта. Така, граѓаните , кои во вестите можеби нема да видат што се случува, физички се принудени да застанат и да се запознаат со последиците од рудникот, наведува порталот. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан