• четврток, 19 декември 2024

Политиката на Париз во Африка и оди на рака на пропагандата на Москва и Пекинг

Политиката на Париз во Африка и оди на рака на пропагандата на Москва и Пекинг

29 август 2023 година

Труд, Софија

 

 

Франција, иако им даде независност на своите поранешни африкански колонии, никогаш навистина не ги напушти и не ги третира еднакво, а последицата е широко распространети антифранцуски чувства кои одат рака под рака со пропагандата на авторитарните режими во Москва во Пекинг, пишува бугарскиот весник „Труд“.

Еден од централните настани во изминатите неколку недели е пучот во Нигер, една од најсиромашните земји во светот, а во исто време и една од најбогатите со стратешки суровини, која главно ја експлоатира Франција, пишува весникот.

Весникот пренесува податоци од агенцијата Евроатом, според кои Нигер минатата година испорачал во Европската унија нешто повеќе од една четвртина од вкупното количество ураниум, веднаш зад најголемиот извозник Казахстан и пред Канада.

Најголем дел од ураниумот оди во Франција, која добива 60 отсто од електричната енергија од нуклеарните централи.

Истовремено, од 25 милиони жители на Нигер, само четири милиони имаат пристап до електрична енергија.

Слична е ситуацијата и во земјите богати со злато- Мали и Буркина Фасо, како и во Гвинеја, вториот светски извозник на боксит, и другите земји во централна и западна Африка, кои некогаш биле француски колонии, пишува „Труд“.

Проблемите во тие земји, кои делумно се последица на француската политика, особено ги искористува руската пропаганда, која организира „режирани сцени со локални групи кои веат руски знамиња или го скандираат името на Путин“.

Меѓутоа, пропагандниот наратив на Кремљ, според „Труд“, „не треба да биде пречка за согледување на реалноста, бидејќи такви превирања се случуваат токму во овие земји - сè уште поранешни француски колонии.

На тие земји, Франција сè уште им наметнува економска контрола, со привилегиран статус на нејзините компании гарантиран со закон, а дури 14 африкански земји имаат обврска да чуваат најголем дел од девизните резерви во француската централна банка, без камата, па дури и да платат за тој депозит.

Затоа, според авторот на коментарот, треба да се направи сериозна разлика меѓу пропагандата и реалните проблеми и аспирации на локалното население за укинување на економската доминација на Франција.

Авторот на текстот пишува дека последиците од „невидената алчност“ на Франција денес одат рака под рака со наративите на антизападната авторитарна пропаганда што ги шират Москва и Пекинг.

„Без сериозен преглед, вистинска промена и еднаквост во односите со тие африкански држави, тие секогаш ќе бидат предмет на влијанија кои доаѓаат од авторитарните држави, наместо да бидат дел од слободниот свет“, заклучува весникот „Труд“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан