• среда, 18 декември 2024

Поливинилно издание на албумот „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски

Поливинилно издание на албумот „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Скоро осум години по објавувањето на албумот „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски, „Кроација рекордс“ (Croatia Records) го претставува и изданието на поливинилна плоча.

„На Влатко Стефановски му беа потребни само неколку дена мотивација и инспирација за да сними девет инструментални скапоцени бисери за албумот, чијашто обвивка е украсена со слика на Нада, мајката на Влатко, во улогата на Маша од драмата на Толстој - 'Жив леш'. Токму оваа слика којашто датира од доцните 40-ти години на минатиот век, на албумот му дава посебна емотивна вредност и укажува на инспиративната уметничка средина во која созреваше Влатко. Денес, еден од најпознатите Македонци како деветнаесетгодишник го основа култниот бенд 'Леб и сол', по што му се посвети на активното зачувување на традиционалната македонска песнарка (и не само македонската, туку и онаа на другите земји од Балканот), како и соработка со неговиот верен гитаристички партнер Мирослав Тадиќ“, соопшти „Кроација рекордс“.

Целта на издавачите е овој албум повторно да го најде својот пат до секој искрен љубител на делото на Влатко. Инструменталките ја задржуваат својата визија како и постарите култни инструменталки, како „Бистра вода“ и „Успаванка за Радмилу М.“, или познатите традиционални песни „Јано мори“, „Димитријо, сине Митре“ и „Огреала месечина“, што само ги истакнува квалитетите на виртуозот.

„'Зошто си ме мајко родила' им е посветена на Стево и Есма Теодосиевски, кои како и Влатко, ја задолжиле македонската култура“, се нагласува во соопштението.

Во својот осврт којшто е дел од овој преиздаден албум, македонскиот новинар и публицист Ненад Георгиевски ќе напише дека само некои луѓе имаат способност да се изразат елоквентно, но само вистинските уметници можат да ги трансформираат своите емоции во нешто повеќе - во уметност.

- Влатко Стефановски е еден таков исклучителен уметник чиј талент и визија продолжуваат да го инспирираат и да го движат светот со својата музика. Кога се создаваше 'Мајчин јазик', Стефановски се соочуваше со тешки лични предизвици, со товарот на околностите кои го притискаа него и неговото семејство. Албумот носи чувство на емоционална тежина, како музиката да е исткаена од моменти на рефлексија и издржливост, сугерирајќи на уметникот кој, дури и во најтемните моменти од животот, сѐ уште се стреми кон убавината, достигнувајќи и уметнички височини и длабоко лично изразување... Верувам дека со овој албум отиде чекор понатаму - тој зароби дел од својата душа, вели Георгиевски.

Со „Мајчин јазик“ од 2017 година, Стефановски ја надополни неговата дискографија е соло-гитарски албум.

- Кога снимам, сакам да ја доловам мојата возбуда, моите емоции, а не техниката!, изјави Влатко во една прилика. 

Албумот „Мајчин јазик“ доаѓа со картичка за преземање мп3-верзии на песните, преработени од Горан Мартинац во „Кроација рекордс“. А пак, „Lacquer cut“ на албумот, во студиото „Аби роуд“ во Лондон, Велика Британија, го сними Шон Меги - добитник на „Греми“ наградата за „Mono Box Set“ на „Битлс“.

Фото: „Кроација рекордс - Македонија“

Остани поврзан