• среда, 25 декември 2024

Покренато обвинение против францускиот министер за правда за „незаконско преземање интереси“

Покренато обвинение против францускиот министер за правда за „незаконско преземање интереси“

Париз, 16 јули 2021 (МИА) - По шест часа сослушување, министерот за правда, поранешен адвокат, Ерик Дипонд-Морети од Судот на правдата на Република Франција беше обвинет за „незаконско преземање интереси“, поради тоа што сакал да расчисти лични сметки со поранешните судии, јави дописникот на МИА од Париз.

-Без изненадување, тој беше обвинет, изјави по сослушувањето Кристоф Инграин, еден од адвокатите на министерот.

Ова обвинение, како што посочуваат, е без преседан за еден министер за правда во Франција.

- Неговите објаснувања, за жал, не беа доволни за да се промени оваа одлука донесена пред сослушувањето. Очигледно сега ќе го оспориме ова обвинение, рече Инграин, кој ќе поднесе „жалба за ништовност “.

Тој додаде дека ова обвинение беше јасно објавено. - Ерик Дипонд-Морети реагираше многу спокојно и многу мирно, додаде тој, прецизирајќи дека министерот не е предмет на судска контрола.

Во овој случај, поранешниот адвокат е осомничен дека ја искористил својата функција како министер за да расчисти сметки со судиите со кои имал проблеми кога бил адвокат, што тој го негира.

Премиерот Жан Кастекс ја обнови „целата своја доверба“ во неговиот министер за правда Ерик Дипонд-Морети. Имајќи предвид дека „актите од кои потекнува оваа постапка“ спаѓаат во нормалната рамка на вршењето на министерските прерогативи на министерот за правда, премиерот го замоли да продолжи со акцијата за реформа и зајакнување на средствата доделени на јавната служба на правдата“, се наведува во соопштението на Владата на Франција. тг/паг/

Остани поврзан