• сабота, 23 ноември 2024

Познат составот на новата влада, по ДУИ и СДСМ ги соопшти кадровските решенија

Познат составот на новата влада, по ДУИ и СДСМ ги соопшти кадровските решенија
Скопје, 19 август 2020 (МИА) - По речиси два часа заврши вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ. Партијата ги дефинираше кадровските решенија кои ќе бидат дел од новата влада. Како што соопшти лидерот на СДСМ и иден премиер, Зоран Заев по завршувањето на седницата, министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска, а за правда Бојан Маричиќ. Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука, а досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата. Министерот за локална самоуправа ќе биде соопштен дополнително. Заев нагласи дека се работи за професионални, одговорни, отчетни и посветени кадри кои во новиот, полн, четиригодишен мандат целосно ќе ги реализираат програмата и принципите. Во новата влада, напомена тој, наместо 26, како досега, ќе има 19 министерства или седум помалку. Според Заев, СДСМ на Централниот одбор констатира дека победија исправните и принципиелни политики кои земјата ја водат напред. Приоритети на новата влада, рече Заев, ќе бидат економијата, судските реформи, капиталните инфраструктурни проекти, животната средина и вложувањата во здравството. Продолжува имплементацијата на договорите со Грција и Преспа, како и Охридскиот рамковен договор. - Имавме доволно големина и јас и Ахмети, и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам Владата четири години, а последните сто дена премиер да биде предлог од ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивност, дијалог, респектирање на туѓо мислење базирано на аргументи и градење консензулана демократија, наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заеднилка четиригодишна владина програма, истакна Заев. Претходно, ДУИ ги соопшти своите кандидадти. Како што изјави лидерот на партијата Али Ахмети по состанокот на Централниот совет на партијата што се одржа попладнево во Тетово, Бујар Османи ќе биде министер за надворешни работи, Фатмир Бесими ќе раководи со ресорот финансии, Крешник Бектеши останува прв човек на економија, а министер за животна средина ќе биде Насер Нуредини. Останува, како што изјави Ахмети, со коалициските партнери да се договорат уште за министер во Министертвото за информатичко општество, а утре ќе биде избран претседателот на Собранието, Талат Џафери. Извесно е и дека со ресорот земјоделство ќе раководи БЕСА, но кој ќе ја извршува министерската функција партијата треба дополнително да соопшти, по состанокот на Централниот совет што го одржува вечерва. Како што изјави лидерот на БЕСА, Билал Касами по денешната средба на претседателите на партиите од коалицијата „Можеме“ со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, БЕСА ќе биде дел и од другите ешалони на власта. Ќе добие заменици министри и директори на институции. Заев го доби мандатот за составување нова влада во четвртокот минатата недела. Му го додели претседателот на државата Стево Пендаровски. мч/аа/

Остани поврзан