• четврток, 26 декември 2024

Поетско читање со Јовица Ивановски, Елизабета Баковска и Тихомир Јанчовски во КИЦ

Поетско читање со Јовица Ивановски, Елизабета Баковска и Тихомир Јанчовски во КИЦ
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Во организација на Културно Информативниот Центар – Скопје, денеска во Изложбениот салон Империјал 1, ќе се одржи Поетско читање со македонските поети Јовица Ивановски, Елизабета Баковска и Тихомир Јанчовски. Познатите македонски поети ќе читаат своја поезија, претставувајќи се еден со друг пред публиката. Јовица Ивановски е роден 1961 година во Скопје. Автор е на книгите Зошто мене ваков џигер, Три напред три назад, Деновиве, ако не и утре, избор на македонски и англи ски, Набилдана месечина, избор на македонски – прв дел и многу други. Еден е од шесте автори застапени во двојазичната книга Шест македноски поети (2011), објавена во Англија. Препеан е на петнаесетина јазици и застапен во повеќе антологии на македонската поезија. Учествувал на дваесетина поетски фестивали, саеми на книги, резиденции… Пишувал текстови за музика, колумни, сценарио за ТВ емисијата „Говорете македонски“. Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019). Сè уште живее и работи во Скопје. Елизабета Баковска е писателка и книжевна теоретичарка. Родена во 1969 година во Битола. Во 1992 година дипломирала на групата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во 2000 година магистрирала на истиот факултет. Во 2013 година докторирала на родовите студии на институтот „Евро-Балкан“ во Скопје. Од 1998 работи во Холандската амбасада во Скопје. Уредничка е на Блесок Поезија во електронското списание Блесок Архивирано на 23 март 2014 година. Се занимава со книжевен превод од англиски на македонски јазик и обратно. Објавува свои литературни и критички текстови, најчесто за македонското женско писмо. Објавени книги: Житие на нашата љубов (поезија, 2003), Четири годишни времиња (раскази, 2004), Состојби на духот и телото по триесеттата (поезија, 2005), На пат кон Дамаск (роман, 2006). Тихомир Јанчовски – поет, професор, преведувач и колумнист. Роден e нa 24 август 1967, во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја (2008). Пред да наполни 30 години живеел во родниот град, во Брисел, на островот Скијатос, малку во Амстердам, повеќе во Лондон и Будимпешта, и пак во Скопје. Бил трипати на Света Гора, четирипати во Солт Лејк Сити. Работел како физикалец, собар, тревокосач, разнесувач на весници, работник во фабрика за сокови, продавач на тезга (Ковент Гарден), келнер, чувар на плажа, шанкер, новинар, музичар, колумнист, преведувач и професор по литература и светска историја. Објавил единаесет книги поезија, два романи и една книга колумни. фф/дма/

Остани поврзан