• петок, 27 декември 2024

Поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија во Општина Илинден

Поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија во Општина Илинден

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Под насловот „Нашинска, татковинска” во Домот на култура „Илинден” се одржа поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија, со која беа заокружени „Деновите на културата“ во Општина Илинден, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

Како што информираат од општинската прес-служба, поетската вечер ја отворил покровителот на манифестацијата, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој во своето поздравно обраќање истакна дека честа е голема да се биде дел од ваков настан од областа на културата, а посебно да се биде домаќин и да се биде во друштво со толку еминентни автори од земјава и странство.

-Годинава ми е особено задоволство што оваа манифестација ја организираме заедно со ДПМ. Затоа во духот на официјализирање на соработката меѓу Општина Илинден и Друштвото на писателите на Македонија, потпишавме и Меморандум за соработка, па така оваа угледната манифестација е со подновен концепт и воведени нови содржини, изјави градоначалникот Георгиевски.

Со современите македонски родољубиви стихови, за незаборавна поетска вечер се погрижија Гордана Михаилова-Бошнаковска, Паскал Гилевски, Санде Стојчевски, Христо Петрески, Љерка Тот-Наумова, Леетив Намдаг Жанчивин (Монголија), Весна Ацевска, Васил Тоциновски, Иван Џепаровски, Кристина Николовска, Зоран Пејковски, Ленче Милошевска, Виолета Танчева-Златева, Михајло Свидерски, Марина Мијаковска, Славица Урумова-Марковска, Верица Мукоска.

На сите учесници на манифестацијата градоначалникот Георгиевски им доделил посебни признанија за особен придонес во афирмацијата на културата и културниот развој на Општина Илинден. Манифестацијата беше затворена со настап на Ансамблот за народни инструменти и песни „Стефче Стојковски”.фф/дма/

Фото: Општина Илинден

Остани поврзан