• недела, 29 декември 2024

Поезија од Митко Гогов на 31. Меѓународен поетски фестивал во Колумбија

Поезија од Митко Гогов на 31. Меѓународен поетски фестивал во Колумбија
Скопје, 2 април 2021 (МИА) – Поетот Митко Гогов ќе ја претставува Северна Македонија на 31. Меѓународниот поетски фестивал во Меделин, Колумбија што ќе се одржи од 1 до 29 август 2021 година. Песните на фестивалот ќе се читаат на мајчин јазик, а ќе се слушаат и во препев на шпански и англиски јазик. Меѓународниот поетски фестивал во Меделин, Колумбија претставува најголем и најдобар светски поетски фестивал, еден од најпрестижните поетски настани, а досега од нашата држава меѓу учесниците биле и Матеја Матевски, Катица Ќулавкова, Лидија Димковска, Никола Маџиров. Фестивалот има публика од над 500.000 гледачи ширум светот, а како дел од програмата се светски поети како Ко Ун, Чарлс Симиќ, Адунис, Елена Попески, Пол Мултон, Каролин Форше, Роберт Хас и други. Со повеќе од 200 официјални учесници, фестивалот се обидува да се помири со колумбиското турбулентно минато и сегашност преку никогаш не стареечкиот медиум на поезијата и уметноста. Митко Гогов е роден 1983 година. Гогов пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји во Европа, но и во Аргентина, Египет, Израел, Индија, Кина, Мексико, Пакистан, Русија, САД, Тајван, Филипини. Претседател  е на здружението за култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“, организатор е  на манифестацијата „100 илјади поети за промена“ . Тој е основач и дел од организаторите на „Антево слово“ и „Антево перо“. Добитник  е на неколку значајни меѓународни и национални награди за книжевност и поезија. Автор е на збирките поезија „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019), во издание на издавачката куќа Антолог, а годинава треба да излезе од печат неговата трета стихозбирка „Линијар бројки“. ки/дма/  

Остани поврзан