• петок, 27 декември 2024

Поевтинувањето на прехранбените производи се почитува во маркетите, од идната недела пониски цени и на пијалаците

Поевтинувањето на прехранбените производи се почитува во маркетите, од идната недела пониски цени и на пијалаците

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Од влегувањето во сила до овој момент, задоволни сме како се почитува владината Одлука од страна на трговците, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со поевтинувањето на основните прехранбени производи за најмалку 10 отсто.

Тој повтори дека од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалаците.

Инспекциските контроли, истакна министерот, ќе продолжат до крајот на ноември, а секоја недоследност, како евентуално недоволно снабдување со одредени производи во маркетите, граѓаните треба да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

-Повеќе од задоволен сум од тоа што вчера се случуваше во секторот трговија, посебно од компаниите и сите ланци маркети, но и од производителите и дистрибутерите. До денешниот ден, пред оваа посета, добивме неколку писма од наши производители, генерално на минерална вода, сокови и на светло пиво, кои од наредната недела ќе почнат со намалување на цените од минимум десет отсто,  намалување директно од страна на производителите, имајќи предвид дека немаме намера да донесеме некое ограничување во делот на ланците супермаркети, зашто генерално годинава главниот товар беше врз нив, а гледаме дека одредени супермаркети ги зголемуваат платите, а тоа се пресликува и со денешната објава на Заводот за статстика, дека е зголемена просечната плата за 14,1 отсто во споредба со јули лани, изјави Бектеши по посетата на логистичкиот центар на „КАМ“ маркет во општина Илинден.

Според министерот, Владата носи одлуки кои се задолжителни за секторот трговија.

-Тука е вклучено и месото. Имајќи предвид дека освен задолженија за ланците супермаркети или во делот на малопродажбата, во владината Одлука има задолженија и за добавувачите и производителите. Утрово имавме дополнителна координација со ДПИ кој вчера попладне веќе вршеше контроли. Во моментот се во тек различни контроли и тоа ќе продолжи до крајот на ноември. Ако граѓаните забележуваат дека вакви работи може да се случуваат, да пријават во Инспекторатот и согласно законските одредби и задолженијата што ги добиле, тие ќе постапат и за нив ќе следи тоа што е предвидено во законските прописи, истакна Бектеши.

Според менаџментот на „КАМ“, пресметките се уште не се направени, но добивката, по поевтинувањето на дел од производите, секако ќе се намали.

-Ситуацијата е таква, мораме да се соочиме со тешкиот момент во државата. Ние живееме и постоиме за да ги намалиме цените, нам секоја цена која ќе ја ставиме на рафт од 99 на 100 денари ни е голем пораз. Ние и без мерките, правиме максимални напори. Има моменти кога мора да се надминеме себе си. Потребни се подолгорочни мерки во целото стопанство за да бидеме сите поефикасни, истакнаа од менаџментот.

Министерот Бектеши го посети и новоотворениот маркет на „КАМ“ во општина Петровец. мч/бак/

фото: МИА

фото: МИА

Остани поврзан