• среда, 27 ноември 2024

Подољак, главниот советник на украинскиот претседател, се заблагодари на помошта од Северна Македонија

Подољак, главниот советник на украинскиот претседател,  се заблагодари на помошта од Северна Македонија
Скопје, 6 август 2022 (МИА) - Главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михајло Подољак, на Твитер на македонски јазик се заблагодари за помошта од Република Северна Македонија за Украина. - Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво е срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од G20. Како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на 🇺🇦. Ние никогаш нема да го заборавиме ова, напиша Подољак. Северна Македонија и донираше тенкови Т -72 на Украина, а од Министерството за одбрана не потврдија дали на Украина и се испратени четири авиони „СУ-25“. – Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија, наведоа од Министерството за одбрана за МИА. Дел од медиумите објавија дека четирите воени авиони „СУ-25“ што Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година, деновиве му се донирани на Киев. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје „со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“. Со контрареакција на изјавата на Захарова, со заедничко соопштение излегоа министерствата за надворешни работи и за одбрана на РСМ. -Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност. Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, се посочува во соопштението. Република Северна Македонија, се додава понатаму, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации. цр/хс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан