• среда, 25 декември 2024

Поднесено обвинение за насилството врз телевизиската екипа на Алсат во Стара чаршија

Поднесено обвинение за насилството врз телевизиската екипа на Алсат во Стара чаршија

Скопје, 5 ноември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе обвинение против 53-годишник за кривично дело – Насилство според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот, на 21 август, пред берберница во Старата скопска чаршија, малтретирал, грубо навредувал и насилнички се однесувал кон новинарска екипа на ТВ Алсат и предизвикал чувство на вознемиреност и страв кај сведоци на настанот, соопшти Обвинителството.

-Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, тој најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. Потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие. Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата. Оштетениот во прв момент изгубил рамнотежа од ударот и ја спуштил камерата. Потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на обвинетиот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата, посочуваат од Обвинителството.

Како што се наведува, од поведувањето на постапката за осомничениот на сила се мерки на претпазливост. ев/

Остани поврзан