• недела, 24 ноември 2024

Поднесени се 357 апликации од 80 општини на јавниот повик за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти

Поднесени се 357 апликации од 80 општини на јавниот повик за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) – Вкупно 80 општини аплицираа на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти во општините ширум земјава со пари од државниот Буџет. Поднесени се 357 апликации што значи дека секоја општина аплицирала со повеќе проекти, информира министерот за локална самоуправа Златко Перински.

-Нашите очекувања во целост се исполнија. Во оваа прва фаза општините ќе ги подржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик. Сега се на ред ресорните министерства. Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација на проектот. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница, рече Перински на прес-конференција во Владата.

Нагласи дека очекува до крајот на месецов да заврши целокупната процедура и да се знае кои проекти ќе се финансираат со државните пари.

Прецизира дека на јавниот повик се добиени шаренолики апликациски формулари и има проекти од областа на подобрување и реконструкција на водоводни мрежи, канализациски системи, патна инфраструктура, набавка на транспортни средства,...

-Задоволни сме од она што општините го покажаа како капацитетност на овој јавен повик што е дополнителен показател дека во целост е оправдана оваа владина мерка и дека е целисходна за дополнителен развој на локалните самоуправи, рече Перински во одговор на новинарско прашање и додаде дека вкупната вредност на сите пристигнати проекти на јавниот повик сигурно значајно ја надминува вредноста од 100 милиони евра.

Нагласи дека јавниот повик беше наменет за сите општини и додаде дека не ги делат локалните самоуправи по етникуми и политичка припадност на градоначалниците, а како што кажа, доказ за тоа е што аплицирале 80 општини или речиси сите.

Прашан дали ќе бидат одбиени проектите на општините со кои се бара набавка на противпожарни возила и возила за јавен превоз, Перински рече дека евалуацијата ќе се прави од страна на ресорните министерства и нивните комисии ќе треба да го кажат конечниот збор.

-Основната цел на јавниот повик беше подобрување на инфраструктурата во оние делови каде локалните самоуправи немаат услови или можност да интервенираат. Сметам дека не е основна цел на овој јавен повик Владата да набавува основни средства за јавните комунални претпријатија, туку да се подобри инфраструктурата во рамките на општините, посочи Перински.вј/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан