• сабота, 23 ноември 2024

Поднесени рекордни 12 листи на кандидати за советници во Македонски Брод

Поднесени рекордни 12 листи на кандидати за советници во Македонски Брод
Кичево, 11 септември 2021 (МИА) - За октомвриските локални избори во Општина Македонски Брод се поднесени 12 листи на кандидати за советници и тоа четири листи на политички партии, три од коалиции и пет листи на група избирачи. Во исто време, во оваа Општина има и три кандидатури за градоначалник и тоа една кандидатура на група избирачи и две кандидатури на коалиции, потврди Лена Милошеска од ОИК на Македонски Брод. - За претстојните локални избори што ќе се одржат на 17 октомври, се поднесени 12 листи за советници. Четири листи се на политички партии и тоа на Родина Македонија со носител Тони Радески, потоа на Македонија ера трета со носител Славко Ангелкоски, на Левица со Марјан Ѓурчески и на Единствена Македонија со носител Мире Илијоски. Поднесени се и три листи на коалиции и тоа на „Движењето одлучност за промени“ со носител Спасе Димоски, на „Најдоброто за мојата општина“ со Дијана Јованоска и на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ со носител Бисерка Златеска. И најголем број на листи се на група избирачи, со носителите Бране Јованоски актуелен советник, Ивица Аврамоски, исто така член на актуелниот совет, Даниел Максимоски, Стојанчо-Чауш Трпески и Марјан Алампиоски, изјави Милошеска. Таа информира дека за претстојните локални избори се поднесени и три кандидатури за градоначалници. - И тоа кандидатура на група избирачи со Ацо Новески и две коалиции - на СДСМ со кандидатот Живко Сиљаноски, актуелен градоначалник и на ВМРО ДПНЕ и коалицијата со кандидатот Жарко Ристески, актуелен член на Советот на Општина Македонски Брод, додаде Милошеска. за/сп/

Остани поврзан