• недела, 17 ноември 2024

Подмладоците од политичките партии апелираат до искусните политичари да го слушаат гласот на младите за суштински општествени промени

Подмладоците од политичките партии апелираат до искусните политичари да го слушаат гласот на младите за суштински општествени промени
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) - Младите се иднината на нашата држава, треба да бидат храбри и упорни за да ги направат промените кои сакаат да ги видат во нашето општество. Да не се обесхрабруваат поради тековните состојби и да бидат истрајни за да се изборат за подобро утре во својата земја, а политичарите треба да го слушнат нивниот глас и да создадат услови за тие да не си заминуваат од државата, се дел од пораките кои членовите на подмладоците на политичките партии ги испратија во разговорот со МИА. Младите, кои за жал се се помалубројни во нашата земја, се двигател на општеството, за тоа, како што порачаа членовите на подмладоците на политичките партии, треба да покажат поголем интерес за политиката и моменталните услови да ги искористат како инспирација за да се промени нешто, а не како демотивација за да си заминат од тука или воопшто да не се вклучат активно во политичкиот активизам. Во разговорот, Марија Крстева актуелен член на извршен одбор на СДММ истакна дека во нејзината партија постојано се организираат средби меѓу младите со цел да се изнесат различни мислења за да се најде најдоброто решение за одреден општествен проблем. - Дебатата е доста плодна внатре во нашата партија, со тоа што се земаат предвид различни мислења, сметам дека истите се прифаќаат доста од причина што на крајот од денот покрај долга дебата која што можеме да ја имаме помеѓу членовите, доаѓаме до еден компромис кој што е решение за определени проблеми, наведе Крстева за МИА. Таа до младите кои што не се дел од политиката порача да истражат што е тоа да се биде дел од политиката, да не им се создаваат негативни чувства и самите да се мотивираат да придонесат за подобра иднина. Членот на ИК на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски нагласи дека во нивната партија е најважно мислењето на младите. - Во последниов период можеме да забележиме како недостига нешто на младината, особено со тоа што со голем дел од младината го гледа решението надвор, односно надвор од нашата држава Македонија, така да сметам дека ние како идни лидери, односно како идни политичари треба да најдеме решение и компромис како да ги задржиме тука, а не да ги пуштаме да одат надвор од нашата држава. Сметам дека младите треба да ја сфатат политиката како начин на кој што може и тие да дадат свои идеи и тие да дадат своја помош, односно како да ја градиме иднината тука во Македонија, а не надвор, потенцираше Манасиевски за МИА. Тој ги повика сите млади кој што сметаат дека можат да придонесат да им се приклучат, односно да се приклучат на Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ затоа што, како што истакна, смета дека се вистинското решение за тоа што следи, односно знаат и можат да направат една подобра иднина за младите тука во земјава. Викторија Смилковска - член на ЦО на подмладокот на Либерална демократската партија потенцираше дека кај нас за жал сепак владее некој конзервативен став и тие како млади либерали, најпрво сакааат младите да ги привлечат кон либерални размислувања.

- Ние како млади треба да имаме поопширно гледање кон работите, не е светот црно или бело, има и многу други теми кои што се навистина битни во општеството, најнапред нели човековите права за кои што ние најмногу се залагаме, за родовата еднаквост, ЛГБТ заедницата и секако и дигитализацијата за која што ЛИДЕМ се залага најмногу, наведе Смилковска.

Таа оцени дека младите не се доволно информирани што е тоа политичка партија и оти треба да ги видат можностите што ги нудат политичките партии за да согледаат дека имаат право и можност да променат нешто и можат да влијаат во остварувањето на некои нови работи.

- Според мене прво треба да се информираат за политичката партија и сметам дека самите можеби ќе видат дека тоа не е ништо лошо, дека тоа е навистина убава работа којашто може да донесе многу продуктивни работи, посочи Смилковска. Синан Вејсели - член на младинскиот форум на ДУИ изјави дека тој е вклучен во политиката за да даде свој придонес за младината да биде попродуктивна. - Мојата порака која се однесува на сите млади лица, без оглед на нивниот идентитет или место на потекло е да имаат што повеќе свои идеи и да бидат вклучени повеќе во политиката и да бидат поактивни, да не се двоумат да ги остваруваат своите идеи, да се вклучат повеќе во одлучување и на овој начин заедно ќе бидеме посилни и ќе настанат промени во најкраток можен рок. Како млад моментално сум вклучен за да дадам придонес за младината да биде попродуктивна, во наредните десет години земјата да биде понапредна, поинтегрирана како западните балкански земји, но и европските земји, така што ќе имаме поздрава младина и посилна држава од другите земји во регионот, потенцираше Вејсели. Претседател на црвена младина - подмладокот на политичката партија Левица Марио Јанески им порача на младите да не се обесхрабруваат, да не паѓаат во опатија во дефетизам, условите кои се моментално да ги искористат како инспирација за да се промени нешто, а не како демотивација за да си заминат од тука или воопшто да не се вклучат активно во политичкиот активизам. - Така да мојата порака е да се вклучат што е можно повеќе, особено оние обесправените за да можеме да ја вратиме државата и институциите на народот. Важно е да има политички дијалог, сметам дека изминативе години кај нас лидерите кои биле и сега кои се, тешко наоѓале дијалог да дискутираат особено за оние теми кои се од национален државен интерес, нагласи Јанески. Адем Јашари – член на младинскиот форум на Алтернатива, изјави за МИА дека младите треба повеќе да зборуваат околу младинското учество при креирање на политики. - Исто така многу е важно да се разговара за младинските квоти било да се работи за кандидатските листи за локалните избори или за кандидатските листи за пратеници кои се избираат потоа во Собранието на Република Северна Македонија. Сметам дека се две многу важни теми но првата не оди без втората тема, бидејќи младите треба повеќе да учествуваат во креирање на политики, за утре и тие да бидат гласот на народот и да управуваат со нашата држава или со локалните или централните институции, рече Јашари. Тој потенцираше дека учеството во јавната политика е еден вид хуманизам што се прави за граѓаните. - Пораката за младите кои не се занимаваат со политика, многу нормално е да не се занимаваш со политика, ако сакаш да се занимаваш со некоја друга професија но, да се плашиш да влезеш во политика бидејќи ќе потфрлиш, би им кажал дека ако ние поаѓаме од самите нас и правиме промени и кога ќе влеземе во политика да имаме јасни визии, јас на пример имав визија да бидам носител на листа на локалните избори за советот на општината. Некој друг може да има визија утре да стане функционер, значи кога ќе влезеш во политика да имаш јасни и точни цели за тоа што сакаш да правиш. И најважното, кога си дел од политиката треба да го искажеш тоа што го сакаш! Бидејќи кога не прашуваат што сакаш да правиш во политика, некои велат не знам, не сум за кариера. Тогаш зошто си во политика? Кога ќе влезат во политика да имаат јасна визија и да кажат што сакаат. Не е срам да кажеш што сакаш, ако утре сакаш да станеш функционер, било тоа да е министер или некоја друга функција која ти ја нуди политичката партија, заклучи Јашари. Херолинда Рамадани - член на подмладокот на Алијанса на Албанците посочи дека младите треба да бидат дел од политиките, бидејќи тие секогаш имаат нови идеи и мислења, дека тие се секогаш енергични и со нови размислувања. - Темите кои треба да се дискутираат од младите треба да се за младите, бидејќи младите не се вклучуваат доволно во политиките кои се креираат особено во Република Северна Македонија и мислам дека ова е многу важно, потенцираше Рамадани за МИА.   Абдулазиз Азизи – член на подмладокот на Движењето „Беса“ наведе дека младите треба да дискутираат за иселувањето од нашата држава. Оваа, како што рече тој, е многу важна тема која треба постојано да се дискутира, за да се мотивираат младите што повеќе да останат во својата земја, односно да најдат можности тука во нивното родно место. - Ако еден млад не е активен дел од некои процеси, тогаш реално не само младите туку и сите општествени слоеви не ќе можат да разберат што се случува. Во овој случај младите треба да бидам вклучени во тој процес за да видат како се случуваат нештата и како се менуваат работите. Младите треба да бидат дел од политиката, за постојано да дадат свои идеи што и како треба да се промени, ако младите стојат надвор од политиката, и се оддалечат од овој пат, во тој случај ќе биде многу полесно за спротивната страна воопшто да не ги вклучи младите во политиката или да им каже вие не сте дел од ова бидејќи сами не се вклучувате. Доколку младите бидат дел од политиката, би имале повеќе добри промени, во овој случај за младите. Имаме многу добри примери за процеси каде биле вклучени младите или каде го кренале нивниот глас, во тој случај сме виделе дека имало промени во однос на проблемите кои се случиле, нагласи Азизи. Горјан Чурлинов - претседател на младите на Партија на Власите, во разговорот со МИА се осврна на неговото малцинство. Тој посочи дека фокусот кај проблемите младината од неговата партија го става на тоа што доста млади не го изучуваат влашкиот јазик, а кога не се изучува еден јазик тој изумира. - Ги повикувам сите млади Власи, па и оние кои сакаат да го изучуваат влашкиот јазик и култура и сакаат да ја поддржат да се изучува влашкиот јазик, влашката култура како дома така и во институциите и да се користи што е можно повеќе, бидејќи кога не се користи се заборава, а и со користење многу полесно се учи. Младите Власи кога разговараат помеѓу себе, да разговараат што е можно повеќе на влашки јазик. Во минатото имале некои проблеми ама тоа се има веќе надминато и затоа апелирам на младите да си го користат својот јазик, наведе Чурлинов. Милош Илиевски член на извршниот одбор на граѓанска иницијатива „За наше Куманово“ наведе дека неговата иницијатива работи исклучиво за граѓаните. - Барањата на граѓаните се да се смени системот моментално кој функционира во државата, да нема веќе корумпираност и ќе се бориме против корумпираност, како и да се зголеми економскиот раст, истакна Илиевски. Претседател на младите на движење на Национално единство на Турците Џунеј Друшит, пак, наведе дека младите секогаш треба да бидат заедно. - Нашите важни теми во партијата на младите е приоритет на нашите права, првин нашите права на младите што можеме да постигнеме во нашата држава и што можеме да дадеме на подмладоците на подалечно ниво, рече Друшит. Младите со кои разговаравме се вклучени во обуки и политичка академија, проект на Владата на Швајцарија „Поддршка на изборните реформи“ кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните. Во однос на темата, директорката во земјава на ИФЕС Јоана Козма за МИА до членовите на подмладоците на политичките партии порача дека тие треба да се поттикнат да имаат можности да учат, да научат да соработуваат со други политички партии, да создаваат различна политичка култура воопшто во земјата и да имаат поголема соработка и решенија за помалку фаворизираните и загрозени групи, да научат да се поврзуваат со различни слоеви на општеството и да се обидат да ги идентификуваат оние решенија кои се реални и помалку се фокусираат на нивниот сопствен интерес или интересот на нивните политички партии. - Има и низа истражувања кои покажуваат дека младите сè помалку учествуваат во јавниот живот, во политиката. Можеби одат и гласаат, но завршува со ова. Тие не веруваат дека промените ќе се случат ако придонесат. Значи, се надеваме дека со овој вид на програма, на младите кои се заинтересирани да бидат дел од политиката ќе им се даде можност да понудат нешто ново. Дека можеби ги имаат решенијата за проблемите со кои се соочува нивната генерација. Може да се идентификуваат нови техники на учество на граѓаните и се надеваме дека во иднина ќе имаме подобри политичари. Академијата нуди работилници за учење, но и можности за развивање политички решенија или за средби со граѓаните, така се работи за една многу поширока перспектива што ја имаме на ум, заклучи Козма. Како еден од основачите на Социјал-демократската младина на Македонија, заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска за МИА истакна дека зборувањето за интегритет и начинот на кој што треба сите ние, во секој наш капацитет да се однесуваме, за професионална, одговорно, отчетно работење е важно да се зборува од најмала возраст. - Мојата порака до младите е да бидат храбри во барањето на промените во своите активности да го претставуваат она што сакаат да го видат во возрасните, да бидат упорни кај возрасните и генерално во општеството да влијаат на промените кои што сакаат да ги видат во нашето општество, да се случат многу побрзо и едноставно и да бидат примерот за тоа што сакат да го видат во општеството во најскора иднина, потенцираше Грковска. Младите кои целат да бидат идни политичари, упатија поттикнувачки пораки до нивните врсници за поактивно вклучување во политиката за во блиска иднина да се видат големи промени кои ќе ги донесат новите генерации. Симона Митровска

Остани поврзан