• четврток, 19 декември 2024

Поддршка од УНИЦЕФ за екопрограмата на „Синедејс“

Поддршка од УНИЦЕФ за екопрограмата на „Синедејс“
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Првпат во дваесетгодишната традиција на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, УНИЦЕФ и партнерите заедно со Младинскиот културен центар подготвија екопрограма со поддршка на активности за важноста од заштита на животната средина и одговор на климатските промени. Во рамки на оваа соработка, од денеска на фестивалот почнува прикажувањето филмови на теми поврзани со екологија, а проследени со дискусии. -Сведоци сме на моќта на младите активисти кои бараат да се преземе поголема акција за да се намали уништувањето на животната средина. Дел од филмовите зборува токму за вакви млади активисти и веруваме дека ќе послужат како инспирација младите од земјава да предводат слични национални иницијативи, изјави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ. Од УНИЦЕФ посочуваат дека климатските промени и деградацијата на животната околина најмногу ги погодуваат децата и младите, но во исто време, токму тие го имаат потенцијалот да станат активни двигатели против штетните ефекти на климатските промени. Покрај филмовите поврзани со екологијата, ќе се прикажат и 72 часа ЕКО филм: кратки видеа изработени од млади на возраст од 16 до 20 години на теми поврзани со вода, воздух, отпад, храна, климатски промени. Ќе се претстават и резултатите од работилницата за изработка на „еко ‘chill’ зона“ инспирирана од филмски сет и направена од млади со користење реупотребени и рециклирани материјали. (Reuse & Repair Chill Corner). Активностите се дел од поширока иницијатива во рамки на Програмата за унапредување на образование за климатски промени и животна средина (www.climateedu.mk) што ја спроведува УНИЦЕФ со партнерите и со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА). мд/дма/

Остани поврзан