Поддршка од ЕУ за граѓанските организации за справување со клучните приоритети во нивните локални заедници
- Европската унија со 900 илјади евра, преку директни проекти ќе ги финансира граѓанските организации во земјава за да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници.
Велес, 19 октомври 2022 (МИА) - Европската унија со 900 илјади евра, преку директни проекти ќе ги финансира граѓанските организации во земјава за да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници.
Ова ќе биде директна поддршка за иницијативите на граѓанското општество во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во земјава“. Овој повик, кој трае до 15 ноември до 17 часот, е финансиран од Европската Унија со вкупен расположлив износ од 900 илјади евра по максимум 20 илјади евра од организација, а е имплементиран од CPM Consulting International.
Како што појасни за МИА Зинта Мезаине тим лидер на проектот на денешната сесија во Велес, за првпат во Македонија, Европската Унија обезбедува ваков механизам за финансирање за директна поддршка на граѓанските организации со цел да им се овозможи ефикасно да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници и да придонесат за реформите во клучните сектори во земјата.
-Станува збор за непарична поддршка на граѓанските организации, особено за помалите во регионот, а целта е новоформираните граѓански организации да добијат помош во спроведувањето на нивните акции, на начин на кој што Македонија ќе добие подобри и пообучени граѓански организации, појасни Мезаине.
На новинарско прашање што е најважно за одлична апликација, таа појасни дека најважна е добрата идеја. Мезаине додава дека за избор има повеќе критериуми, а првиот и најважниот е организацијата да работи за јавно добро.
Организаторите им порачуваат на граѓанските организации што ги исполнуваат критериумите утврдени во Упатството за апликантите на овој повик да аплицираат онлајн (www.eu4cr.mk) со краен рок за поднесување предлози до 15 ноември 2022 година, 17:00 часот.
Организаторите на проектот информираат дека крајниот рок за реализација на проектите е 31 август идната година. ад/сст/