• петок, 27 декември 2024

Поддршката за ранливите категории кумановци ќе се пролонгира до завршување на изборите 

Поддршката за ранливите категории кумановци ќе се пролонгира до завршување на изборите 

Куманово, 19 март 2024 (МИА) - Користењето на социјалните услуги кои ги нуди општина Куманово за ранливите категории ќе се пролонгираат поради изборниот процес, соопштија денеска надлежните од Секторот за социјална заштита од општината. Меѓу нив и меката „народна кујна“ за која веќе се пријавија голем број граѓани.

-Народна кујна е услуга наменета за лица кои се наоѓаат под најголем социјален ризик. Општина Куманово обезбедува топол оброк на ден, услугата треба да се реализира во интернатот „Професор Мијалковиќ“, за што се одвоени 5,4 милиони денари, изјави раководителот на секторот Александар Крстевски.

За услугата досега се пријавени 120 лица, корисници на гарантирана минимална помош, многудетни семејства евидентирани во Центарот за социјални работи, корисници на минимална пензија. Рокот за пријавување е до крајот на календарската година.

-Би сакал да ве известам дека согласно дописот добиен од страна на Државната комисија за спречување на корупција во којшто упатуваат да се почитуваат забраните утврдени во член 8а и 8б од Изборниот законик, како и член 36 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, дел од мерките кои се пропишани во програмата за развој на социјална заштита за 2024 се ставаат во мирување се до завршување на изборниот процес, кажа Крстевски.

Во овие мерки се и традиционалните како што се субвенционирање на комунални трошоци, еднократна парична помош, финансиска поддршка на здруженија, ослободување од партиципација на деца од еднородителски семејства, поддршка за деца Роми и други мерки.

Социјалните мерки, велат од секторот, се утврдени во програма која е наменета за грижа на граѓаните на општината кои се во социјален ризик. Целта е да се подигне степенот на локалната поддршка во реформскиот процес во социјалната заштита на Законот за социјална заштита, за развој и унапредување на социјалните услуги на локално ниво преку вмрежување и директна соработка со институциите и граѓанското општество. Програмата е насочена и кон превентивно делување со цел навремено детектирање, препознавање и спречување на повторно појавување на социјалните проблеми. Програмата за развој на социјалната заштита на општина Куманово е во целосна корелација и усогласеност со социјалниот план на општина Куманово за 2023-2026 година, како и со Националната програма за развој на социјалната заштита 2022-2032 година.

-Нашата визија е создавање на социјално инклузивна локална заедница каде сите граѓани, независно од нивната раса, пол, верска припадност, социјален или економски статус, инвалидитет и други специфични карактеристики, имаат еднаков пристап до соодветна социјална заштита и квалитетни социјални услуги. Нашата визија е општество каде човековите права се заштитени, а социјалната исклученост и социјалната нееднаквост се минимизирани, посочи Крстевски.

Тој дополни дека мисијата е на воспоставување и развој на нови и унапредување на веќе постојните социјални услуги на локално ниво, согласно потребите на граѓаните, како и мерки на социјална превенција заради заштита од социјални ризици, спречување на појава на социјални проблеми и ублажување на последиците од настанатите социјални проблеми на граѓаните.ам/вј/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан