• вторник, 24 декември 2024

Подготовки за Бадникови поворки 2025, пештера на Христовото раѓање, креативни работилници и концерти

Подготовки за Бадникови поворки 2025, пештера на Христовото раѓање, креативни работилници и концерти

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) -  Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото Раѓање, порача денеска Здружението „Бадникови поворки“ по повод 15. издание на манифестацијата, што ќе се одвива од мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“.

Најавуваат нова огромна пештера на Христовото Раѓање, која ќе биде уникатен украс на Плоштадот во Скопје, создадена од врвни уметници и волонтери, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, голем Божиќен концерт и драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото Раѓање. 

Во Скопје оваа година поворките ќе започнат од пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата„Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде ќе се одржи голем концерт.

- Соберете ги вашите најмили – децата, внуците, најмладите ваши соседи – и соодветно подгответе се за најрадосното празнично чекорење. Започнете со учење и повторување на омилената меѓу децата „Вечниот Бог“ и уживајте во заедничките моменти со нив, изработувајќи свои уникатни божиќни ѕвезди, велат од „Бадникови поворки во повикот до родителите и семејствата, истовремено повикувајќи ги сите градови и населени места да се придружат на манифестацијата.

На официјална веб страна на Здружението Бадникови поворки - www.badnikovipovorki.mk може да се најдат најновите информации, детали за настаните, како и начини за приклучување кон поворките. Во подготовка е и делот за донации, каде секој ќе може да ја поддржи мисијата на Здружението.

- Празниците доаѓаат! Да не ја пропуштиме можноста да ја почувствуваме вистинската божиќна радост. Затоа, да ги исполниме нашите срца со љубов и сплотеност и во еден глас сите да запееме „Вечниот Бог слезе и во Дева се всели“,  истакнуваат од Здружението „Бадникови поворки“. лв/бак/

Фото: Здружение „Бадникови поворки“ 

 

Остани поврзан