• петок, 27 декември 2024

Повторно пукотници во САД: Тројца загинати во Ајова, двајца повредени во напад на погреб во Висконсин

Повторно пукотници во САД: Тројца загинати во Ајова, двајца повредени во напад на погреб во Висконсин
Вашингтон, 3 јуни 2022 (МИА) - Маж вчера застрела две жени на паркинг пред црква во сојузната држава Ајова, а потоа се самоуби, соопшти полицијата, што додава уште три жртви во серијата пукутници што деновиве го потресоа САД. Пукотницата во Ајова се случи веднаш откако претседателот Џо Бајден одржа говор за оруженото насилство по масовните престрелки во Бафало, Њујорк, Увалде, Тексас и во Тулса (Оклахома) изминатите седмици. Во меѓувреме, уште една пукотница се случи вчера на погреб во Рејсин во сојузната држава Висконсин, при што се ранети две лица. Пукотницата во Ајова се случила пред фундаменталистичка христијанска црква Корнерстоун, источно од градот Ејмс, за време на верски обред, изјави Николас Лени, главен заменик во канцеларијата на шерифот на округот Стори. Кога надлежните пристигнале на местото на инцидентот, ги пронашле тројцата мртви, појасни Лени, додавајќи дека не е утврден индентитетот на жртвите ниту нивната евентуална меѓусебна поврзаност. „Најверојатно се работи за изолиран инцидент со еден напаѓач“, изјави тој. Неколку часа претходно Бајден побара од Конгресот да го забрани офанзивното оружје, да се прошират проверките на лицата што поседуваат оружје, како и да спроведе други мерки за контрола на оружјето, во насока на справување со масовните оружени инциденти. „Доста е, доста“, рече Бајден. Во другиот вчерашен инцидент биле испукани неколку истрели врз група лица кои присуствувале на погребна церемонија во Рејсин, во Висконсин, при што се ранети две лица, изјави пред медиумите Кристи Вилкокс, командирот на локалната полиција. „Една од жртвите е згрижена во локалната болница и пуштена на домашно лекување, додека другата е префрлена на натамошен третман во болница во Милвоки, веројатно со потешки повреди“, рече Вилкокс. Нема приведени осомничени за нападот. Соединетите Американски Држави изминатите седмици ги потресоа серија оружени напади, во кои загинаа десет афроамериканци во северниот дел на Њујорк, 19 деца и двајца учители во Тексас и двајца лекари, шалтерски работник и пациент во болница во Оклахома. аб/

Остани поврзан