• четврток, 26 декември 2024

Повторно одложен пописот на населението во Косово

Повторно одложен пописот на населението во Косово

Приштина, 30 октомври 2023 (МИА) – Косовската агенција за статистика соопшти дека пописот на населението нема да започне на 1 ноември, како што најави косовската влада пред повеќе од два месеци и побара тој да се одложи за следната година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменик-шефот на КАС, Илир Бериша, нагласува дека доцнењето на постапките за набавка на таблети, неврбувањето на матичари и надзорници и можноста за бојкот на регистрацијата од страна на српската заедница во северниот дел на земја, се дел од предизвиците што Агенцијата за статистика на Косово не може да го започне пописот на 1 ноември според планираното.

Бериша во интервју за новинската агенција Косовапрес вели дека ја чекаат одлуката од Владата за дадениот предлог за одложување.

- На почетокот на октомври испративме официјално барање до премиерот за повторна ревизија на датумот, бидејќи доцниме со активностите поврзани со недостигот на таблети и неангажирањето на 3.500 попишувачи и околу 900 надзорници. Неопходно е да се одложи пописот на населението, нагласи Бериша.

Тој вели дека предложиле процесот на попис да започне од следната година и согласно меѓународните препораки за временските услови.

- Дадовме предлог во нашето барање, додека одлуката останува на Владата кога ќе го одреди датумот. Нашиот предлог е за следната година, бидејќи месец декември е зимски месец, тешки услови и меѓународните препораки се дека не се препорачува попис во зимските месеци, не се препорачува ниту во месец август, заради високите температури. Затоа мора да ги избегнуваме и да бидеме во согласност со меѓународните препораки... Значи, на 1 ноември не започнува, рече Бериша.

Друг предизвик, според КАС, е можноста за бојкот на пописот од страна на српската заедница по неодамнешните случувања во северно Косово, односно по нападот на вооружена група врз косовската полиција на 24 септември.

- Има уште еден предизвик, а тоа е можноста за бојкот на пописот од страна на српската заедница, што не би го сакале, бидејќи според меѓународните препораки, потребно е учеството да биде речиси 100 отсто од населението на дадената територија и бојкот од српската заедница би значел дека резултатите не би биле валидни. За да не соочиме со тоа, побаравме дополнителен рок... Другото прашање е ситуацијата што се случи во септември, што уште повеќе ја искомплицира работата околу пописот, рече Бериша. иа/ссм/

Остани поврзан